Педијатар М-р д-р Елена Манолева Николовска, специјалист педијатар и магистер од областа на педијатријата за правилна исхрана, раст и развој кај деца на возраст од 3-36 месеци, од Поликлиника МАНОЛЕВИ одговара на прашања поврзани со:

  • Стручни совети, водење и консултации во врска со карактеристики на новородени деца.
  • Совети за вакцинации, превенција на рахит, исхрана, воведувања на дохрана и инфекции кај деца во доенечкиот период.
  • Консултации кај деца со зголемен ризик за обезитас и дијабетес и деца со покачена телесна тежина.
  • Консултации за правилна исхрана кај деца во предшколска и школска возраст.
  • Совет за рана превенција на деформитети кај деца во предшколска и школска возраст.
  • Прашања поврзани со здравјето и негата на вашите деца. Совети за настинки, вироза, грип, алергии, сипаници и многу други теми кои се поврзани со здравјето на вашето дете.






После колку време од настинка, може да се прима вакцина?(Елизабета)

Прашање:

Мојата керка има 20 месеци. Неодамна тргна во градинка, и ја нападнаа сите вирусчиња, бактерии, како и сите деца во градинка. Требаше да примиме вакцина на 18 месеци ((ДиТеПер, Полио ХИБ), но од причина што често е болна сеуште не сме ја примиле. Ме интересира до кога може да се одложи примањето на оваа вакцина. Исто така сакам да прашам после колку време од настинка и примање на антибиотик е препорачливо детето да се носи на вакцина(2-3 недели)?

Одговор: 

Препорачливо е вакцината да се прими на време но, се подразбира, тоа не треба да се прави по секој цена ако детето во моментот е болно. Вакцината може слободно да ја примите до крајот на 2-рата година (до 24 месеци), но и да не ја примите до тогаш, не е страшно. Може да се одложи уште краток временски период после тоа. Ако градинката е извор на зараза и причина детето постојано да е болно, Ви препорачувам да не го носите детето краток период во градинка, да оздрави, да го вакцинирате и потоа да продолжите со одење во градинка.

Што се однесува до временскиот период за примање на вакцина после болест, зависи за каква болест се работи. Ако е во прашање настинка, лесна вирусна инфекција па и бактериска инфекција третирана со антибиотици вакцината може да се прими 7-10 дена по завршување на болеста или по примањето на антибиотикот. Но доколку се работи за варичела (голема сипаница), инфективна мононуклеоза или болест предизвикана од микроорганизам кој во голема мера го намалува и го ослабува имунолошкиот систем, тогаш вакцината се одложува за еден месец и(или) повеќе од моментот на заболувањето, зависно од тоа каква е состојбата на детето.

Кои лекови да ги понесеме на одмор? (Марија)

Прашање:

На 20-ти август планираме да одиме на одмор во Грција, тогаш нашето бебе ќе има 8 ипол месеци. Кои превентивни медикаменти треба да ги носиме со нас?

Одговор:

Лекови кои треба да ги понесете на одмор се лекови за намалување на телесна температура, понатака пробиотици за регулирање на цревна флора или лек против пролив, витамини (витамин Ц и витамин Б6), лосион за заштита од убоди од комарци, гел или крем за смирување на кожата после изложеност на сонце и гел за смирување од чешање после убод од инсект(и). Доколку имате дете кое има било каква алергија понесете и антихистамински сируп или таблети за повозрасните деца. Во случај на повреда, може да понесете антисептичен спреј или раствор за чистење на раната или огреботината. За поголеми повреди или поголеми здравствени проблеми ќе мора да се консултирате со лекар.

 

Појава на жлезда кај 2 годишно дете (Марија)

Прашање:

Здраво, имам 2 годишна ќеркичка, која што на левата страна на вратот, под увото, има нешто како жлезда, невидлива за  голо око, се чувствува само на допир. Ја има долго време, не сум сигурна дали и е од раѓање ( ќерка ми е родена е во 36 та г.н., ако тоа може да има некаква врска). Не и се зголемува и никогаш не се жали на болка, само кога ја допирам, чувствувам дека не и е пријатно и се случува да кажи дека ја боли. Често ја прашуваме матичната докторка да ја провери, но вели дека не е страшно, освен ако не почни да расте. Ме интересира што може да биде тоа и дали има начин да се изгуби?

Одговор:

Предвременото раѓање на Вашето дете нема поврзаност со појавата на жлездата на вратот. Како што Ви рекла и Вашата матична докторка, место за паника нема. Зголемени жлезди на вратот кај децата се релативно често појава и се поврзани со појава на (по)чести инфекции на горните дишни патишта. Потребно е да се следи состојбата на жлездата и евентуално нејзино зголемување. Со понатамошниот раст и развој на детето после 3 годишна возраст може да се очекува и нејзино постепено повлекување.

Совети за исхрана за 9 месечно бебе (Радмила)

Прашање:

Моето бебе за некој ден ќе полни 9 месеци. Моментално имаме два тврди оброци (една овошна и една зеленчукова каша, со пилешко или телешко месо) и 4 – 5 подои, плус сокче, вода и чајче. Ме интересира каков да биде третиот тврд оброк, што треба да му воведам?

Одговор:

Третиот оброк кој треба да го воведете е млечна каша. Со оглед на возраста како млечна каша може да давате кисело млеко или јогурт со житарици, адаптирано млеко или кравјо млеко (кое ќе го користитте само за подготовка на кашите) со житарици наменети за возраста, кашички од млеко и бисквити како и готови млечни каши или каши во облик на прав кои се приготвуваат со млеко или јогурт. Во овој оброк немате потреба дополнително да додавате овошје или зеленчук бидејќи истиот детето го прима преку зеленчуковите и овошните каши во текот на денот.

Појава на флеки на лице кај бебе (Елена)

Прашање:

Имам бебе од 8 месеци на кое сега одеднаш на кожата на лицето му се појавија кафени точки-пеги исто и на вратчето, па би Ве замолила да ми кажете дали е тоа проблем и дали често се појавува кај бебињата и дали  е потребна било каква лекарска интервенција, било со масти или нешто друго?

Одговор:

Појавата на кафени точки или пеги не е вообичаена кожна промена во детскиот период. Тоа не значи дека се работи за нешто сериозно, но потребно е следење на состојбата. Важна е нивната големина, обликот и начинот на ширење ако воопшто се шират. Важно е да се види дали тие точки или пеги се зголемуваат и колку, понатаму важно е дали ќе се само 2-3 пеги или нивниот број ќе се зголемува. Потребно е најпрво да се обратите кај матичниот педијатар кој со преглед ќе ги утврди промените, а потоа по потреба да се консултирате и со дерматолог.

 

Со колку пелени треба да се повива бебе? (Жаре)

Прашање:

Имам бебе кое што на 4 мај ќе полни 5 месеци. Првиот пат кога бевме на педијатар ни рекоа бебето дека од вториот месец треба да носи по 2 пелени, 1 обична и 2 шведски. Сакам да прашам, бидејќи овие 2 месеца не сме во можност да посетиме педијатар, до кога треба бебето да носи по 2 шведски пелени и дали треба нон-стоп или може да биде понекогаш и по обична пелена. Доколку може колкав период од денот да биде по обична пелена и колкав период да носи по 2 шведски пелени?

Одговор:

Според последните препораки на ортопедите ,а и според искуствата  од светот, широкиот повој е веќе минато во најголемиот број на земји во светот. Сепак, и тука постојат спротивставени мислења, па така и кај нас одредени ортопеди советуваат носење, други не. Затоа, крајната одлука за тоа дали детето треба да носи широк повој или не, го дава специјалист ортопед кој според наодот од ехо на колкови точно има увид во развојот на колковите и може рано да го забележи пореметувањето кај истите. Сепак, додека не отидете на ортопед, ако досегашните наоди Ви биле во ред, тогаш слободно можете детето да го оставате по неколку часа дневно само со обична пелена особено сега, кога доаѓа лето и има високи температури.

Ортопедски обувки за бебе (Наде)

Прашање: 

Здраво, ме интересира, моето бебе има 7 месеци, па од кога треба да му облечам ортопедски обувки и какви да бидат тие?

Одговор:

Вашето бебе е сеуште мало за да веднаш почнете со ортопедски обувки. Најпрво ќе мора да се консултирате со специјалист ортопед за состојбата на колковите и нивниот развој и развојот на стапалата. Доколку се е во ред, тогаш првите обувки треба да ги земете кога детето ќе почни да оди, од моментот на проодување, па понатаму до моментот на самостојно одење. Притоа треба да Ви нагласам дека има разлика од ортопедски обувки и обувките кои ги носат сите деца. Ортопедски обувки во вистинска смисла на зборот се обувки кои ги препишува специјалист ортопед и се наменети за рамни стапала, деформитети на стапала или други потреби. Се прават по нарачка и по потребата за која се препишани. Вие најверојатно прашувате за првите обувки на Вашето дете кои според последните препораки на ортопедите, треба да бидат рамни, без влошки кои имаат испакнување на средниот внатрешен дел од стапалото. Обувките треба да се лесни, изработени од мек и лесно “подвижен ” материјал. Сепак, и тука мислењата се различни, па затоа Ви советувам дополнително да се консултирате и со ортопедот кој го води Вашето дете.

Што значи температура кај бебе која е 36 ᵒС (Олгица)

Прашање:

Што значи температура кај бебе која е 36 ᵒС. Колку е нормално да му е телесната температура кога е здраво?

Одговор:

Телесна температура од 36 степени е нормална телесна температура. За нормална телесна температура се смета онаа која е во интервал од 35,5 – 37,5 степени. Покачена температура е во интервал од 37,5-38,5 степени и високо покачена температура е онаа со вредност од 38,5 -40 степени. Вредноста на измерената температура не е мерило за тежината на болеста, и нејзината вредност зависи од многу фактори како што се имунолошкиот одговор на организмот, причинителот на болеста итн. Температурата се мери аксиларно, најдобро со живин термометар, а доколку мерите со дигитален термометар тогаш задолжително споредете ги вредностите со добиените вредности од живин термометар. Покрај аксиларно, температурата може да се мери и ректално и под јазик, но притоа треба да земете во предвид дека се разликуваат од аксиларната температура и се за 0,5-1 степен повисоки од неа.

 

 

Алергија на храна (Сашка)

Прашање:

Здраво, сакам да прашам за осип кај деца по раце и нозе. Имам 2 дечиња, 2 год и 4 год., првин се јави кај едното, а по 3 недели кај другото. Инаку многу ги чеша, осипот е како засушена кожа и се шири, а го има на едно раце и едно нозе. Педијатарот ми кажа алергија на храна, а јас не сум сигурна. Ве молам за совет.

Одговор:

За жал, навистина не можам да Ви дадам конкретен одговор, бидејќи се работи за кожна промена која за да се утврди што е, мора да се види како изгледа. Според тоа што го пишавте можно е да се работи за некој вид на алергија, но исто така потребно е да се исклучи и големата сипаница (овча сипаница). За чешањето може да употребите течна пудра која ќе ја ставате локално на промените. Претпоставувам дека Вашиот педијатар ви препишал сируп против алергија кој исто така треба да го намали чешањето доколку се работи навистина за алергија. Може да се консултирате и со кожен доктор кој ќе даде свое мислење и дијагноза за кожните промени.

Што смее 2-месечно бебе да пие против кашлица? (Марија)

Прашање:

Имам двомесечно бебе на кое му се затна носето и почна да поткашлува. На педијатар ни рекоа дека плуќата е чиста и дека треба само да одржувам хигиена на носето со синомарин. Но, што е со кашлицата? Дали смеам да давам нешто за кашлица? Во аптека ми дадоа Хеделиx сируп, под изговор дека е единствен кој смее да се дава од нула месеци.

Одговор:

Мислам дека треба да го послушате Вашиот педијатар и советот што Ви го дал. Се согласувам дека основно е да одржувате хигиена на носето со Синомарин или слични капки на тоа, а за сирупи нема потреба бидејќи сами наведувате дека се работи за поткашлување,а не за кашлање или кашлица со секрет. Оттаму не гледам место за паника и давање на сируп за кашлица по секоја цена. Хеделиксот е сируп на база на бршлен кој има улога да го разреди секретот и да го олесни искашлувањето кое е невозможно кај 2 месечно бебе. Давање на сируп на своја рака, без препорака на педијатар е неоправдано и може да предизвика потенцирање на симптомите во одредени случаи. Пратете ја состојбата, следете ја секрецијата од носот и појавата на кашлица и почесто консултирајте се со Вашиот педијатар.

Совети за регулирање на столицата (Елена)

Прашање:

Моето синче кое има 5 месеци до пред еден месец беше исклучиво на мајчино млеко со редовна столица дури 2-3 пати дневно, меѓутоа кога почнавме со кашички и сокчиња, а потоа и домашни каши од морков и јаболко, почна да има многу ретка столица односно два дена нема, третиот малку, сега еве веќе 7 дена како не е излезен сам. Пробав со кашичка од слива, ни помогна, се испразни еднаш и толку. Сега повторно истиот проблем, па затоа ќе Ве замолам за помош, како повторно да се вратиме на нормала, бидејќи претходно немавме ваков проблем, а јас во меѓувреме прекинав да му давам домашно приготвени кашички, бидејќи се плашам да не правам додатно отежнување, остануваме сега за сега повторно само на мајчино млеко.

Одговор:

Со оглед на возраста на Вашето доенче Ви препорачувам да не се откажувате од внесот на кашички, бидејќи Вашето млеко нема да биде доволно понатаму да ги задоволува потребите од хранливи состојки на Вашето доенче. Продолжете и понатаму да припремате домашни кашички, само почнете да комбинирате разни видови на овошје, а не само јаболко и морков. Морковот, како и компирот, оризот и бананата предизвикуваат потврда столица и со тоа потешко празнење на цревата. Затоа внесувајте повеќе кашички од слива, круша, праска, тиква и јаболко. И сами наведовте дека сте пробале каша од слива и сте имале нормална столица. Затоа во исхраната давајте ги почесто оние кашички кои добро ќе ја регулираат столицата на Вашето доенче, а поретко внесувајте ги оние кои ќе му создаваат тврда столица. Исто така, задолжително во исхраната додавајте и интегрални житарици кои го регулираат варењето на храната на природен начин.

 

 

Детето постојано ми пие антибиотици (Елизабета)

Прашање:

Имам  дете 19 месеци и од Нова година сме со антибиотици, две недели сме добри и после пак почнуваме, носот да ни тече, да хрчиме и пак АНТИБИОТИК. Ве молам да ми кажете каде да се обратам, веќе не можам да издржам. Поздрав и Ви благодарам!

Одговор:

Наведувате многу малку податоци  за да можам да Ви одговорам детално или нешто поконкретно. Важно е што испитувања сте правеле до сега, микробиолошки, лабараториски и какви се резултатите од нив. Важна е и општата состојба на детето, апетитот, начинот на исхрана, средината во која се чува, изворот на зараза од околината и семејството. Едно е сигурно, пиење антибиотска терапија на секои две недели е премногу и решението треба да се бара во правилен пристап во лекувањето и трагање по причината за честите инфекции. Во секој случај потребно е лекување и пратење на здравјето од страна на педијатар.

Совети за исхрана на бебе (Марија)

Прашање:

Здраво. Имам 6 месечно бебе и сакам да знам колку оброка треба да има дневно и колку (грама)  треба да изнесува еден оброк. Исто така ме интересира дали мора адаптираното млеко да го пие во шише, затоа што во каши го сака млекото, ама само млеко не сака да пие. Пробавме со разни шишиња, цуцли, но немаше резултат. А, во врска со доењето сама престана да цица. Многу Ви благодарам!

Одговор:

Во предходните одговори во рубриката Прашајте доктор-Педијатар може да најдете одговор за бројот и распоредот на дневните оброци кај доенчиња после 6-тиот месец. Што  се однесува до количината, тоа е сосема индивидуално и се прилагодува на апетитот на детето. Се подразбира дека и не треба да се претерува со голема количина на оброци кај дете кое има добар апетит. Оброците може да се движат во количина од 90 – 190 грама. Дневно треба да се внесат 3 главни оброци плус 3 млечни оброци (цицање или адаптирано млеко). Адаптираното млеко споменавте дека не го пие, па затоа може слободно да го додавате во кашите или да го употребувате за подготовка на млечни каши. Важно е детето да прима млеко и да ги задоволува дневните потреби од истото. Ви советувам и понатаму да се обидувате и да пробувате да дадете млеко во чиста форма. Ако несака со цуцла од шише, пробајте да давате од чаша. Некои деца едноставно одбиваат пиење од цуцла, а без проблем внесуваат течности од чаша (обична или со клунче). Тоа што Ве одбило неможете да го промените, единствено Ви советувам до 12 месеци да давате исклучиво адаптирано млеко по што може да продолжите со кравјо млеко.

 

 

 

Воспалени непца кај бебе (Олгица)

Прашање:

Имам бебенце кое има скоро 9 месеци и последниве денови е многу кенкаво, а особено вчера и денес цел ден плаче, му солзат очињата и како на пола копје ги држи отворени и претпоставував дека се запчињата кои го мачат, бидејќи не сака да му го допрам непцето и шишето кое го обожава, не го сака. Купив маст за воспалени непца и за 5-10 минути вчера му се смири и како препородено, ете истото детенце насмеано и весело. И денес е ист. А, го заболи непцето се омлитавува, па дури и челото и главчето му ги осеќам топли (само тие делови). Ако може да ми се објасни, дали овие симптоми се јавуваат кога треба да се појават запчиња или станува збор за нешто друго?

Одговор:

Симптомите кои ги наведувате може да се причинети од никнување на забите, но исто така може да бидат резултат и на афтозни промени во усната шуплина. Геловите или мастите кои се употребуваат за намалување на болките кои настануваат при никнување на забите имаат краткотрајно дејство и преку ладење на непцата ја подобруваат состојбата. Сепак наведувате дека повремено детето е топло поради што потребно е и повремено мерење на телесната температура. Ако таа е покачена потребен е педијатриски преглед. Парацетамол може да дадете и во двата случаи и при покачена температура како и за смирување на болките предизвикани од евентуалното растење на забите.

Избор на сируп за намалување на температура (Сашка)

Прашање:

Сакам  да прашам кој сируп е најдобар за температура. Јас го користам Далерон. Ве молам за ваше мислење!

Одговор:

Далерон е само еден од сирупите за намалување на покачена телесна температура кој се користи кај нас. Неговиот генеричко (хемиско) име е Парацетамол што ја преставува активната супстанција на лекот, а секоја фабрика си дава одредено име на лекот кое оди во продажба (Панадол, Ефералган, Далерон, Парацетамол итн.). Тоа значи дека било кој од овие сирупи да ги користите го имаат истото дејство во одредена концентрација, бидејки имаат иста активна супстанција. Разликата е во нивниот вкус и подносливоста од страна на децата кое воглавно се темели на вкусот кој го има сирупот. Доколку овој сируп нема дејство како што очекуваме постои и една друга група на лекови кои може да се препишува за покачена температура. Тоа се препаратите кои како активна суспстанција имаат Ибубруфен и се користат кај деца над 3 месеци. Со новите истражувања е потврдено дека се сосема безбедни и за малите деца и доенчињата. Истите треба да се даваат максимално 3-4 пати во денот во точно одредена концентрација која ја одредува педијатар според килограмите и возраста на детето.

Житарки во исхраната на бебето (Марија)

Прашање:

Моето бебе има полни 9 месеци. Внесуваме житарки во исхраната на бебето, сме пробале овес, јачмен, пченка, ленено семе. Сакав да му дадам и малку поразновидни житарки како амарант, хељда, просо, киноа…До сега сум ги давала варено овесот, јачменот и пченката иако се термички обработени, не омекнуваат многу, па ме интересира дали може фино мелени да се даваат во кашичките без да се варат и по колку лажичиња или лажици. Ленот го давам обично изутрина со овошните каши, а некогаш во зеленчуковите додавам јачмен и овес. Како да направам добар распоред и дали можам да мешам повеќе видови?

Одговор:

Житариците кои до сега сте ги давале се житарици кои ги има на нашите простори и често се употребуваат во исхраната на доенчињата и децата. Сите наведени житарици тешко се омекнуваат во вода (овес, јачмен, пченка) и како такви се прилично тешки за џвакање и за возрасните и уште повеќе за децата. Затоа Ви советувам наместо термички да ги обработувате, да ги давате фино мелени како додаток на кашички без разлика дали се овошни или зеленчукови. Нивната количина ќе зависи пред се од апетитот на Вашето доенче и количината на храна која ја јаде. Доволно е да ги давате еднаш во текот на денот и слободно може да ги комбинирате неколку видови одеднаш. На пазарот постојат готови мешавини најчесто на 6-7 видови житарици кои се користат за подготвување на кашички. Со оглед на тоа дека тие набабруваат во кашите, додавајте ги постепено додека не ја добиете потребната количина и густина на кашичката.

Што се однесува на другите житарици кои ги наведовте (амарант, хељда, просо, киноа), тие не се карактеристични за нашите простори. бидејќи главни земји на нивно потекло се: Јужна Америка, Индија и Азија, освен хељдата и просото кои се споменува дека ги има и во Балканските земји. Како и другите житарици и тие се богати со витамини од групата Б, минерали, железо и амино киселини, но може да бидат и причина за алергиски реакции, како и некои други видови житарици. Доволно е да ги внесувате житариците кои сте ги давале до сега за да ги задоволите доенечките потреби од витамини, минерали и амино киселини. Доколку сакате да пробате од горенаведените житарици, внесувајте ги во мали количини и на почетокот поединечно за да може да забележите евентуална појава на било каква реакција.

Егзема на образи кај бебе (Лидија)

Прашање:

Имам 5 месечно бебе на кое му се појави егзема на образите. Дали ќе може да ми кажете која храна треба да ја избегнувам, бидејќи сеуште ја дојам и кои овошја и житарици смее таа да ги јаде?

Одговор:

Со оглед на возраста на детето и раната појава на егзем на образите препорачливо е да внимавајте со внес на одредени продукти од храната кои предизвикуваат алергија. Важен фактор е и присуството на алергија кај поблиските членови од двете фамилии. Доколку постои кај некои од нив имате уште една причина повеќе да внимавате на внесот на хранливи материи. Доењето се смета за една од превентивните мерки за појава на алергија во подоцнежниот период на детството, затоа и се препорачува ексклузивно доење до 6 – тиот месец. Тоа значи доколку Вашето бебе добро напредува, до 6 – тиот месец треба да биде исклучиво само на доење. Бидејќи го доите Вашето бебе, внимавајте со внесот на поголема количина на јајца, потоа не конзумирајте ореви, кикирики и останати јаткасти плодови, како и риба и школки. Од овошните производи може слободно да ги давате сите овошја, освен цитрусните овошја како што се: лимон, портокал и цитрон, како и внимателен внес на киви и јагода. До 12 – тиот месец не внесувајте и мед во исхраната. Од житариците на почеток може да давате пченица и ориз, а потоа од 7 – миот до 9 – тиот месец, внимателно може да ги внесете и другите житарици.

Бактерија Стафилокока кај 4 месечно бебе ( Елена)

Прашање:

Сакам да Ве прашам кој би бил најефикасен лек за стафилокока во носе кое ја има моето четиримесечно бебе, бидејки добивам предлози од докторите за разни раствори кои би биле ефикасни но истовремено и јаки лекарства за толку мало бебе, а треба веднаш да почнеме со лекување.

Истата бактерија во моментов му ствара многу шлајм, а предходно тој на моето дете му предизвика и бронхопнеумонија.

Одговор:

Кој е најефикасен лек за Стафилококот кој е изолиран од носот на Вашето бебе неможам да Ви кажам бидејќи терапијата се одредува врз основа на добиениот наод од антибиограм. Лекот се одредува според осетливоста на бактеријата на испитуваните антибиотици. Бебето веќе прележало една пнеумонија, а сеуште имате многу  шлајм кој претпоставувам дека дополнително предизвикува кашлица или отежнато дишење и хранење. Ви советувам да го послушате советот на Вашиот педијатар се со цел да не добиете повторно инфекција на долните респираторни патишта. Која терапија ќе се препише зависи од симптомите, клиничкиот наод, лабараториските анализи и наодот на антибиограмот.

Совети за недоволно напредување во тежина кај 4 месечно бебе (Сунај)

Прашање:

Имам 4 месечно бебе и сакам да ми пишете дневно мени, инаку сме на адаптирано млеко, ама многу слабо пие млеко само 300 мл. дневно и не напредува доволно има само 6 кг, а се роди 4,150 кг. Фала однапред. Поздрав,

Одговор:

Како што и самите наведувате напредувањето во тежина на Вашето бебе не е доволно. Количината на млеко која ја пие бебето е мала и треба да се зголеми за 2-3 пати, бидејќи во првите 4 до 6 месеци млекото е основна храна на доенчето. Сепак, најважно е да се најде која е причината за одбивањето на млекото и ненапредувањето. Кое млеко го давате, дали сте пробале адаптирано млеко од повеќе различни произведувачи и дали сите ги одбива ?! Важно е какво е здравјето на детето во овие 4 месеци, дали боледувало воопшто од нешто или не. Какви се столиците по боја и изглед и колку се чести?! Покрај се ова, важен е прегледот и наодот на педијатарот. Со оглед на тоа дека имате 4 полни месеци, може во исхраната за почеток да воведете овошни сокови и кашички. Но тоа не го менува фактот дека треба да се најде соодветно млеко за Вашето доенче, бидејќи и покрај дохраната со каши млекото сеуште зазема значајно место во исхрана на доенчето до 12-тиот месец. И по воведување на кашички и сокови, дневниот внес на млеко треба да биде двапати поголем од досегашниот.

Контакт со бебе при вирусна инфекција (Јелена)

Прашање:

Имам 6 месечно бебе. Доколку лице од семејството имало целодневен контакт со болно лице од вирозна настинка после (членот на семејството не е разболен), после колку време може да има контакт со бебе? Благодарам

Одговор:

Постојат голем број на вирусни инфекции и многу е важно за каков вид на инфекција се работи. Бидејќи наведовте дека се работи за вирусна настинка, инкубациониот период најчесто трае 3-5 дена по што, доколку некој се разболел од истиот вирус симптомите ќе се јават после тој период. Исто така, важно е да Ви нагласам дека инкубациониот период  е период кога човекот е заразен за околината, а притоа нема знаци на болест. После тој период се појавуваат знаците на болест кога болниот сеуште е заразен за околината и поблиските членови од семејството. Сепак, место за паника нема, бидејќи понекогаш и незнаеме дека сме биле во контакт со болен човек, а пак боледуваме од лесни вирусни инфекции без да го знаеме изворот на инфекција. Вирусите се насекаде околу нас и едноставно неможеме да избегаме од нив.

Причини за крварење на нос кај 2 годишно дете (Сашка)

Прашање: 

Имам синче 2 год. и често му тече крв од нос. Ќе ве молам за совет.

Одговор:

Причините за појава на крварење од нос може да бидат различни како инфекции (бактериски или вирусни), физичка траума (удар, чепкање на нос), недоволен внес на витамини во организмот како и во склоп на други заболувања. Според тоа, потребно е да се направат одредени анализи и иследувања кои ќе потврдат или ќе исклучат некоја од горенаведените причини. Единствено што можам да Ве советувам е да го зголемите внесот на витамин Ц во организмот првенствено на природен начин преку свежо цедени сокови. За останатите иследувања ќе мора да се јавите на преглед и консултација кај Вашиот матичен педијатар.

Грчеви во стомакот кај бебе (загрижена мајка)

Прашање:

Здраво докторке, Би сакала да ве прашам нешто во врска со моето 6 ипол месечно бебе. На 5 месеци ја примивме вакцината ДТП, ПОЛИО и ХЕПАТИТИС Б.Исто така го сменив млекото со Hipp combiotic 2. Од тогаш  забележувам дека моето бебе во текот на денот неколку пати се стресува како да и достудува, ги стегнува рачињата и се стресува 2-3 секунди, а понекогаш и испушта гасови тогаш. Незнам дали е од запчињата што и растат, дали има врска со гасовите со мешето или е поврзано со вакцината. Ве молам за помош, дали има место за грижа?

Одговор:

Место за грижа воопшто нема. Симптомите кои ги наведувате немаат никаква поврзаност со вакцините кои сте ги примиле пред половина месец. Како што и сами наведовте највероватно стресувањето и грчењето во рачињата се поврзани со грчеви во стомачето предизвикани од храна. Во прилог оди и фактот дека тоа е пропратено и со испуштање на гасови. Начинот на реакција е рефлексна реакција кај многу доенчиња предизвикана од различни дразби од околината или од случувања во организмот. Доколку сметате дека тоа е поврзано со воведувањето на Hipp combiotic 2 во исхраната, тогаш консултирајте се со Вашиот педијатар за понатамошниот начин на исхрана, кое млеко да продолжите да го користите и со што да го дохранувате Вашето дете.

Дневно мени за 6 и пол месечно бебе (Радмила)

Прашање:

Би сакала да ми направите едно дневно мени за 6 и пол месечно бебе на адаптирано млеко сме. Не ми е многу јасно околу тоа што смее, а што не смее да јаде на оваа возраст на пр. дали смее месо, јогурт, палента, житарици, гриз, фрутолино и карамелино, бисквити…

Одговор:

Вашето бебе може да јаде се од она што ми наведовте. Месо или жолчка од јајце треба да консумирате секојдневно. Јогурт може да додавате во мали количини како додаток во исхраната, на пример со спанаќ или блитва. Палента и гриз се воведуваат и пред 6-тиот месец, а после 6-тиот месец може да се додадат и останатите житарици. Бисквити може да додавате во оброците, комбинирани со адаптирано млеко или како додаток на овошните каши. Фрутолино и чоколино може да ги воведете во исхраната, но внимавајте да не претерувате со истите. Давајте ги 3-4 пати во неделата. Во претходните одговори во Мое Бебе ќе пронајдете одговор како треба да изгледа едно дневно мени за вашето бебе.

 

Појава на црвенило на газето на бебе (Олгица)

Прашање:

Почитувани, Би сакала да Ве прашам за моето бебенце кое има 7 мес. и веќе 5 дена му е многу зацрвенето газето и тоа го боли, а истовремено и почна и често да кака и ако веднаш не му го измијам газето станува уште поцрвено.

Одговор:

Најверојатно причина за зацрвенување на газето се почестите столици кои ги наведувате дека детето ги има во последните денови. Продолжете и понатаму со тоалета на газето и одмивајте го после секоја столица. Задолжително јавете се на преглед кај Вашиот матичен педијатар со кој ќе се консултирате за евентуална терапија за почестите столици и за црвенилото на газето. Терапијата за црвенилото треба да се одреди во зависност од тоа како изгледа промената на кожата.

Нередовна столица кај бебе (Надица)

Прашање:

Имам бебе од 6 месеци се беше добро со него се до третиот месец кога почна да не кака редовно. Во почетокот со малку напор, но без никакви провокации се какаше на 4-5 дена, но како изминуваше периодот проблемите стануваат се потешки. По препорака на педијатар му давав од сирупот Lass baby и од млекото ХИПП комфорт, но и од тоа ништо упорно детето не кака. Со надеж дека ќе се подобри ситуацијата почнав да воведувам овошни сокчиња и каси на 5 месеци, но ситуацијава си останува иста. Имаше период кога почна да кака и многу темно зелено, а беше само на цицање и адаптирано млеко, па пак по препорака на педијатарот правевме копрокултура и некое испитување за цревни паразити, но се излезе дека е ок. Детето и нема некои јаки проблеми освен денот кога треба да кака стомачето му е меко. Навистина сум очајна и не знам што да преземам и скоро со се што ми се кажа пробав, но ништо не ми помогна. Многу Ви благодарам ако имате некој совет за мене.

Одговор:

Проблемите со столицата во доенечкиот период се доста честа проблематика. Причините за нивна појава се различни. Предоминантно се јавуваат кај деца на адаптирано млеко отколку кај доените деца. Вашето дете е на комбинирана исхрана, на доење, адаптирано млеко и дохрана со овошни каши. Не наведувате кои овошни каши ги давате,затоа Ве советувам да избегнувате каши со банана, морков, комбинација на каши од морков, компир и ориз. Давајте кашички од јаболко, сливи, праска и овошни сокови од истите. Исто така, пробајте или со мелено ленено семе или масло од ленено семе кое може да го додавате во зеленчуковите каши. Бидете упорни, смирени и истрајни. Само така може да увидите кој тип на храна му одговара на Вашето дете. По воспоставување на режимот на исхрана истиот применувајте го постојано.

Пореметување во варењето на храната кај бебе (Гордана)

Прашање:

Имам бебе од 6 ипол месеци. Пред 2 недели беше под јаки антибиотици, му пуштаа венски во главчето, 3 пати се инхалираше и потоа примаше панцеф сируп. Имаше бронхо пневмонија. Е сега тоа помина, ама имаме проблем со столицата. Пред  да се заболи имаше нередовна столица, тврда, а сега многу честа. Не е дијареја, меѓутоа е некако како несварена храна, нема јак мирис, скоро никаков. Пред два дена му дадов јогурт, зошто знам дека е природен пробиотик и сега столицата мириса на скиснат јогурт…??? Доцна ми кажаа дека треба да прима и пробиотик, па така првите 2 дена додека ја примаше терапијата не примаше пробиотик, потоа сама јас на своја рака му давав prolife, по пола капсула секој ден и сеуште пие, ама столицата никако да се среди. Веќе 3 дена не прима антибиотик, јаде тврда храна, како компир, ориз, печено јаболко, банана и пие сок од банана (ретко), најчесто пие ORS 200 на Hipp. Ме чуди тоа што пред да му дадам јогурт, какаше често, по малку и суво, несварена храна, а од кога му дадов јогурт е покашеста и чудно мириса. Прашањето ми до кога треба да пие пробиотик и дали prolife или можеби некој друг, тука во болница не ми кажаа ништо. Благодарам!

Одговор:

Пореметувањето во варењето на храната (или диспепсија) која се јавила кај Вашете дете е најверојатно резултат на пероралната антибиотската терапија, намалениот имунитет и моменталната состојба  во организмот. Јогуртот е природен пробиотик и слободно продолжете да го давате. Исто така може да продолжите со Prolife додека не се регулира работата на дигестивниот тракт. Консултирајте се со Вашиот матичен педијатар за понатамошмиот начин на исхрана.

 

Што значи тоа кога бебето хрчи? (Славица)

Прашање:

Почитувани, би ве замолила за одговор.

Имам 1 ипол месечно бебенце. Од пред Нова година забележав хрчење во носето и за неколку дена веќе беше полно со мрсулчиња од што не можеше да јаде и да спие. Го однесовме на педијатар, ни кажаа да ставаме физиолошки раствор. Тоа траеше една недела при што наместо подобрување, се јавување уште повеќе секрет-хрчење во носето и полно мрсулчиња. Го однесовме пак, ни рекоа aqua maris капки и чистење со аспираторче. Направивме и лабораторија-крвна слика и инхалација. Имаше леукоцити 16.3 хемоглобин 193. Го чистевме носето со аспираторче цели две недели на неколку часа при што вадевме многу секрет, најчесто бел, а на два пати и зелен. За цело време секретот беше густ. Го носевме повторно на контрола, повторно крвна слика: леукоцити 11.7 хемоглобин 141.

Помина доста време, помина секретот, но остана хрчењето. Сакам да прашам: Што значи тоа што бебето ХРЧИ? Не постојано, обично кога лежи подолго (односно кога ќе стане од спиење). Звукот е како да е затнато носето, ама не е. До кога би траело ова и што значи? Навистина сум загрижена иако сите доктори велат дека нема ништо??? Инаку цица, напредува во килажа, но хрчењето не поминува.

Одговор:

Најпрво и јас би Ви рекла дека нема потреба да бидете загрижена, бидејќи како што рековте и сами, детето добро напредува во тежина и добро цица. Хрчењето кое се јавува  е последица на секретот кој го има во носето и кој по долго лежење се насобира во носните патишта па затоа и се потенцира во лежечка положба. И покрај тоа што немате чувство дека носето е затнато, повремено продолжете да ставате и да го чистите со Aqua maris и аспиратор. Во консултација со Вашиот матичен педијатар дополнително може да направите микробиолошки анализи. Со подобрување на временските услови и покачување на температурите може да очекувате и подобрување на состојбата. Одете на редовни месечни контроли кај Вашиот педијатар.

 

 

 

Осип на кожа кај бебе (Олгица)

Прашање:

Почитувани, на моето бебе кое има 7 месеци пред 2 дена му се појави некаков осип под брадата. Ако може да ме насочите за причината и што да превземам.

Одговор:

За жал неможам да Ви дадам точен одговор, бидејќи промените кои се јавиле мора да ги види Вашиот матичен педијатар со што би се видело за што се работи. Сепак можам да Ви кажам дека најчесто во таа регија се работи за т.н вруќаници или осип кој се јавува при потење во таа регија или преоблеченост на детето и спарување на кожичката. Како и да е, јавете се на преглед кај Вашиот матичен педијатар, за да може со сигурност да се потврди горенаведеното.

Воспаление на око кај дете (Виолета)

Прашање:

Моето бебе има година ипол. Имаме проблем со левото око, има бактерија  staphylococcus aureus. Кога ќе ја ставаме дадената терапија секретот поминува и солзењето исчезнува, а исто така применуваме и масажа на каналот за да се прошири. Кога ќе завршиме со терапијата по извесен период повторно се појавува и солзење и секрет. Ве молам за совет!

Одговор:
Од напишаното може да се заклучи дека се работи за хронично и повторувачко воспаление на окото кај Вашето дете. Мој совет е да се консултирате со специјалист офталмолог со цел да се види проодноста на очниот канал. А кај Вашиот матичен педијатар консултирајте се за дополнителни иследувања за состојбата на горно респираторниот тракт и инфекциите на истиот.

Настинка кај 7 месечно бебе (Олгица)

Прашање:

Би ве замолила за одговор, на моето бебе кое за некој ден полни 7 месеци му тече носето , со мало поткашлување, а инаку е весело, па ако може за одговор што да превземеме? Со почит,

Одговор:

Од симптомите кои ги наведувате може да се претпостави дека се работи за настинка проследена со течење на носе и поткашлување. Единственото што можам да Ви го советувам е да го чистите носето редовно со пумпица и ако е затнато да ставате солени капки за да му го олесните дишењето. Доколку секрецијата се зголеми, кашлицата се интензивира или детето покачи температура обавезно јавете се на преглед кај Вашиот матичен педијатар.

Како да се подобри имунитетот после прележана сипаница? (Марина)

Прашање:

Најпрво да Ви ги честитам празниците и да Ви посакам сè најубаво. Имам синче, има 3 години. Околу Нова година ја прележавме крупната сипаница (варичела) и сега веќе телото му се исчисти, но имунитетот многу му опадна. Во моментов е многу настинат и пиеме сируп Хиконцил, бидејќи многу му е црвено грлото. Дали може да ми дадете некој совет, како да му го зголемам апетитот и подобрам имунитетот, ама на природен начин. Благодарам и поздрав!

Одговор:

Големата сипаница или варичелата е вирусно заболување кое го ослабува имунолошкиот систем. Затоа во текот на заболувањето и во текот на рековалесцентниот период препорачуваме обилен внес на течности и витамини. Намалениот апетит е симптом кој се сретнува кај многу заболувања, па така и кај варичелата. Единствениот природен начин да го подобрите апетитот е со внес на хранливи продукти кои во себе содржат поголема количина на витамини од Б групата. Тоа значи внес на кисело млеко, јогурт, банана, житарици (ориз, пченица, р’ж), спанаќ, блитва, риба, јајца и јаткасти плодови. Исто така, битно е внесување поголема количина на течности поради детоксицирање на организмот како и обилен внес на природно цедени сокови од портокал, лимон или мандарина кои се богати со витамин Ц. Доколку не успеете во тоа, во консултација со Вашиот педијатар, краткотрајно додека не се прележи болеста, да му давате мултивитамински сируп кој сигурно ќе помогне за подобрување на апетитот.

 

Како гените ја одредуваат крвната група на детето? (Александар)

Прашање:

Здраво, ме интересира од која возраст може да се дознае крвната група на детето и дали може да биде различна од родителите? Ако може повеќе да ми објасните на оваа тема. Ви благодарам!

Одговор:

Крвната група на детето може да се дознае веднаш после самото раѓање на детето. Таа е наследна и се наследува преку гените од двајцата родители. Да, крвната група на детето може да биде да различна на онаа од родителите. Постојат 4 крвни групи: A, Б, АБ и О крвна група. Некои од гените кои ги детерминираат крвните групи се доминантни, а некои се рецесивни. Од тоа зависи и нивната експресија. Генетиката како наука е многу сложена и многу е тешко да Ви објаснам се во неколку реченици. Сепак ќе Ви посочам еден пример. Едниот родител може да е крвна група А со генетска констелација АО, а другиот да е крвна група Б со генетска констелација БО. При соединување на нивните гени, според законот за наследување, 25% има шанси да имаат дете со крвна група А, 25% има шанси да имаат дете со крвна група Б, 25% има шанси да имаат дете со крвна група АБ и 25% има шанси да имаат дете со крвна група О. Тоа значи дека кај овие родители, доколку ја имаат таа констелација на гени, може да се роди дете кое ќе има крвна група која ја немаат ни двајцата родители (тие се А и Б, а имаат дете со О крвна група), но сепак носат гени и за таа крвна група кои се рецесивни (гените за О група) во однос на другите гени. Кога рецесивните гени од двајцата родители ќе се соединат ќе се добие и дете со О крвна група. Се надевам дека  нешто разбравте, а и ако не разбравте, не се секирајте. Генетиката е сепак една мошне сложена и комплексна наука.

Кога е најдобро да се прекине ноќниот подој (Соња)

Прашање:

Кога е најдобро да се прекине ноќниот подој, моето бебе има 10 месеци, и се уште цица, дење 2 до 3 пати, и 3-4 оброци, а ноќе некогаш многу често, кога се буди плаче или од запчињата или за јадење и така најбрзо престанува со цицање.

Одговор:

Бебињата како и возрасните се будат и ќе се будат во текот на ноќта до крајот на животот. За разлика од возрасните доенчињата и помалите деца имаат потреба од нас додека не научат да продолжат сами да спијат. Точен одговор кога да се прекине со ноќниот подој нема. Стручњаците за сон би рекле веднаш да го направите тоа заради детето и заради вас. Но, методите за да стигнете за тоа се прилично сурови и нехумани. За да го постигнете тоа се препорачува или постепено да го одвикнувате или моментално да го одвикнете, едноставно оставајќи го да плаче цело време додека не престане со повремено земање во рацете, галење, милување. Наместо да му давате да цица, едноставно само дајте цуцла, лулајте го, галете го, пејте му или пуштете му некоја тивка приспивна песна. Научниците велат дека после 5-7 дена би требало да ја преспие целата ноќ. Сепак, некои деца и после тоа може да не научат да спијат сами. Ако најдовте барем едно нешто на кое се спротиставувате не обидувајте се ни да почнете со тоа. На крајот, како што рековте….тоа се буди кога го болат заби кои никнуваат, кога немирно спие, кога е гладно и жедно. Доењете е сепак само утеха за доечето за кое вие сте целиот свет, а таа утеха нема да трае уште долго.

Проблеми со доење (Емилија)

Прашање:

Моето бебенце има 4 месеци и 1 недела. Еве неколко недели по ред имаме проблем со доењето. Бебево како цело време да е гладно и покрај тоа што бара да цица речиси на половина час или час. Незнам дали е до млекото нешто, но тој супер напредува, пред недела дена го меревме имаше 6.950кг. Што да правам како да го дојам, на колку часа? Од вчера почнав да му давам сокчиња, почнав со јаболко. Дали е во ред што толку рано почнав до сокчиња и од кога да почнеме со кашички? Благодарам однапред. Поздрав

Одговор:

И покрај тоа што не неведувате која е родилнита тежина на вашето доенче, сепак може да се заклучи дека напредува одлично. Со вашето млеко сигурно се е во ред, но со оглед на тоа дека веќе сте на почеток на 5-тиот месец може да почнете да му правите ред и да го доите на секои 2-3 часа. Промената направете ја постепено со пролонгирање на времето помеѓу два подои. Кога ќе почне да плаче и да негодува обидете се да му го одвлечете вниманието со играчка или некоја заедничка игра. Со овошни сокови може да продолжите и понатаму и тие да ви бидат замена за млечен подој, еднаш до два пати во денот. Со оглед на добрата тежина, со овошни каши започнете на почетокот на 6-тиот месец.

Проблеми со столицата поради кравјо млеко (Марина)

Прашање:

Ќерка ми ќе полни 2 години. Кога наполни една година почнав да и давам кравјо млеко и доби запек, дури со крв во столицата. Пробав со секакво кравјо млеко, за варење, млеко со ниска масленост, дури пробав и козјо и немаше никакви подобрувања. Пробав и само да пие баланс јогурт, малку се подобри, но пак имаше запек, така до година ипол. До годината и давав Аптамил и беше супер. Сега користам млечна формула Хумана антиколик и сега е супер и има редовна столица. Меѓутоа сакам да ве прашам, до кога да и давам такво млеко или да пробам со друго? Ви благодарам

Одговор:

Со оглед на тоа дека вашето дете веќе има полни 2 години можете слободно да преминете на кравјо млеко. Бидејќи не наведовте подетално со што друго ја храните вашата ќерка, ќе ви дадам совет секојдневно  во исхраната да внесувате што повеќе храна со влакнести материи, житарици, многу овошје, зеленчук и свежи салати. Ако Вашето дете сака јогурт исто колку ѝ  млеко, слободно давајте јогурт, бидејки  ѝ јогуртот како ѝ млекото содржи калциум, маснотии, протеини, јаглехидрати и витамини. Внимавајте дневната количина на млеко да не биде поголема од 500-600 мл на ден. Давајте полномасно млеко бидејќи на децата им се потребни тие маснотии за нормален раст и развој. Намалете внес на чоколади, смоки, суви грицки, квики и бомбони. Доколку редовно давате овошје, салати, супи и домашно подготвена храна од типот на боранија, грашок, брокула, грав, леќа, спанаќ, вашето дете нема да има запек. Ако покрај ова, сèуште не успеете да ја регулирате столицата, тогаш во исхраната додадете ленено семе, семка од тиква или сончоглед.

Редослед на дохрана (Радмила)

Прашање:

Здраво, имам 5 месечно бебе, па ме интересира во врска со исхраната. Досега и имам дадено варено јаболко, варена круша и варена праска. Ме интересира со што можам да продолжам редоследно, со кое овошје и кој зеленчук?
Кога можам да и дадам житарици, гриз и ориз? Исто ме интересира со замената на млекото со оброк, кога можам да заменам оброк и каков? Благодарам однапред

Одговор:

Најпрво би сакала да ве советувам овошјето кое го давате да биде сурово и термички необработено за да ги сочува во себе витамините и минералите кои се губат со термичката обработка. Овошјето убаво измијте го, излупете го и изблендирајте го во блендер и дајте го на своето бебе, секогаш свежо веднаш по подготвувањето. Зеленчукот варете го кратко и на умерена температура, секогаш во затворен сад за да не се загубат минералите и витамините. Готовата каша дајте ја веднаш по подговтвувањето.

Во наредниов период слободно во исхраната можете да внесете банана, слива, вишни, кајсија, дуња, а од зеленчук да вклучите морков, спанаќ, тиквички, блитва и цвекло. Ориз и пченичен гриз може да вклучите веднаш, а останатите житарки ќе ги внесете по навршување на 6 тиот месец. Со замена на оброци може да започнете веднаш. Најпрво внесете овошна каша како замена, потоа зеленчукова и на крај млечна каша. На пример: После утринското доење или индустриско адаптирано млеко, следниот оброк ќе го замените со овошна кашичка. Потоа повторно ќе го надоите или ќе дадете млеко пред пладневното спиење. После некое време, на ручек ќе внесете зеленчукова каша. Попладне ќе понудите повторно млеко или овошно сокче. Вечерата ќе ја завршите со млечна каша. Пред заспивање ќе дадете адаптирано млеко или ќе го надоите вашето доенче.

 

 

Нередовна столица и совети за дохрана кај бебето (Гордана)

Прашање:

 Моето бебенце има 4 месеци и 19 дена. Пред околу 10 тина дена почна да има нередовни столици.
Си какаше по неколку пати на ден, а потоа почна воопшто да не кака. Инаку беше само на мајчино млеко. По препорака на педијатар започнавме со сокчиња и кашички. Најпрво со крушка и сокче од црна слива. Какаше еден ден, меѓутоа потоа пак исто. На интернет прочитав дека засладена камилица помага при нередовно какање кај бебе, па му дадов и имаше резултат. И потоа пак му дадов и пак се искака. Прашањето ми е дали е во ред да му дадам засладена камилица (пие 80 мл. со пола лажичка шеќер) секој ден за да може да кака или можеби на тој начин ќе ги направам цревата мрзливи. Деновиве планираме да почнеме со зеленчук, па потоа да му измешам.Дали може внатре во кашичките да се стави и малку путер и сол, малку колку да не бидат блуткави? И кога може да почнеме со житарици?

Одговор: 

Исхраната на доенчето во првата година треба да биде избалансирана со протеини, јаглехидрати, масти, витамини и минерали. Давањето на чаеви во периодот на доење најчесто се препорачуваат во првите 6 месеци за смирување на грчеви и тегоби во стомакот. Најчесто препорачани чаеви за смирување на стомачни тегоби и грчеви се чај од камилица, нане, ким и шипка која пред се е богата со витамин Ц. Давањето на бел рафиниран шеќер во првата година треба максимално да се избегнува, пред се поради непотребната висока количина на јаглехидрати кои може да предизвика прекумерна тежина како и поради можноста за рана појава на кариес на млечните заби. Медицински доказ дека камилицата со шеќер која ќе ја давате ќе предизвика мрзливи црева нема, но сепак Ви советувам да не го правите тоа често пред се затоа што истата таа количина може да ја замените со висококвалитетни овошни сокови и каши кои во себе содржат природни шеќери, минерали и витамини кои му се потребни на вашето доенче. Бидете стрпливи, наскоро започнувате и дохрана со зеленчукови каши кои би требало дополнително да имаат позитивно дејство за стабилизирање на столицата. Внимавајте со внесот на банана и комбинација на јаболко со морков или каши од морков, бидејќи истите ја стврднуваат столицата. Ова исто се однесува и на истите овошни сокови. Внесот на спанаќ, оризова вода и ориз, блитва, тиквица и цвекло во исхраната би требало да помогне во омекнување и стабилизирање на столицата. Во храната на доенчето не се додаваат зачини и сол. Путерот во кашичките може да го воведете со наполнети 6 месеци, на почетокот на седмиот месец. Од житариците, до 6 тиот месец, може да давате оризови снегулки и пченкарен гриз или палента, а потоа слободно може да ги воведете останатите житарици (пченица, јачмен, рж, овес). Сите поголеми и истакнати произведувачи на храна за доенчиња и деца, во својата палета на производи имаат мешавина од 6 или 7 житарици кои може да се даваат со навршени 6 месеци.

Кафе игротека Слонче

Kosili
Прашајте доктор

Моебебе рецепти

Активности на Facebook

Веб порталот moebebe.com.mk нуди содржини од информативен и едукативен карактер, содржините не се замена за стручен лекарски совет. Доколку имате некој здравствен проблем, Вие или Вашето дете, побарајте стручно лекарско мислење.

Содржините на порталот МоеБебе се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од администраторите на овој портал.