Психолог - Калина Пиперевска, Специјалист по медицинска психологија од Центарот за ментално здравје и аутизам ПЗУ КАЛИНКА

Психологот може да ви помогне и да ви даде совет за прашања поврзани со психомоторниот развој, отспаувањата во психомоторниот развој, начини на кои да го стимулирате развојот на детето, потешкотии со школските обврски, потешкотии во однесувањето и емоциите, стравови, одбивање да се оди на училиште, хиперактивност и намалено внимание.






Моето дете гризе и штипе…Дали има простор за загриженост? (Елизабета)

Прашање:

Мојата ќерка има 20 месеци. Пред 3 месеци почнав да одам на работа, и нормално кога наеднаш мама со која беше по 24часа ја нема 8 часа во денот претпоставувам почнав да и недостигам. Она што сакав да прашам е: Пред да тргнам на работа мојата ќерка многу сакаше да ме гризе, меѓутоа тоа го препишував на растењето на заби и потребата да гризе, но сега кога и пораснаа сите заби освен петки за кои е рано, гризењето премина ви штипење. Знае толку силно да ме штипе, дури и да се тресе од силата со која дејствува и закрцкува со забите и не само тоа туку знае  и да ме удри по лице. Има ли простор за загриженост?

Одговор:

Гризењето и штипењето често се присутни кај малите деца,  поточно кај деца од една до три години. Децата на оваа возраст имаат потреба од независност и осамостојување. Како резултат на тоа многу често се јавува негативизам, отпор, па дури и агресивно однесување.  Вашето враќање на работа е промена која кај вашата ќеркичка довела  до зголемена вознемиреност која еднинствено можела и знаела да  ја искаже преку гризење и штипење.  Децата на оваа возраст неможат адекватно да ги изразат своите емоции и во ситуации  кога се премногу возбудени или вознемирени  се случува да гризнат, штипнат или удрат. Со оглед на нејзината возраст, би ви препорачала дополнително да се консултирате и со вашиот педијатар.

Како да се справам со темпераментот на моето дете (Билјана)

Прашање:

Имам син 1 и пол година и е сеуште енигма за мене. Значи да се каже дека е хиперактивен е малку, откако е на нозе нема застанување, само кога спие, но тоа не ни е проблем, се снаогаме со тоа. Проблемот е во концентрацијата. Значи можам да го оставам со саати (ама не го оставам) да гледа Трактор Том и да не мрдне од столче, значи не исклучува тотално и се концентрира (јас сум била иста), ама кога треба да учиме нешто повеќе од 1 минута не застанува. Го учи само тоа што го сака, за другото ме игнорира тотално, премногу е независен, се сака сам, нејќе помош за учење на ништо. Пример, знае да реди коцки, ама не ги реди, бидејки да ги спои некој тој ги дели една по една, не смеат да бидат споени ниту две. Знае да ги собира играчките во кошот, ама не може да ги поднесе да се собрани, оди ги истура сите и ги остава. Сам не знае да си игра, дали 5 мин ќе се заигра со нешто најчесто тоа е количка. Отпрвин си мислев, па ете не знаи да уци не знаи, не мора сите да сме паметни, ама после сфатив дека едноставно тој го учи само тоа што го сака. Значи кореографија на песнички знае од малечок, а не можам да го научам каде е устето, оти нејке да застани да му покажам. Своеглав е, ме игнорира кога викам, и да го тргнам пак ќе се врати, ама брзо се смирува, не се треска од земја, се лути ама му поминува. Затоа и ви напишав не знам како со него, пробав и со строго и со арно пак не ме слуша, не знам како да го учам нови вештини. Ве молам посоветувајте ме како да му пристапам.

Одговор:

Вашето синче се наоѓа во фазата на развој кога е многу природно да е љубопитен, раздвижен, да има потреба се да истражува, допира, експериментира и растура.  Поради тоа најдобро е колку што можете да му дозволите непречено да може да истражува и осознава за околината. Тоа подразбира да избегнувате често да му забранувате слободни активности или постојано да му велите НЕ.

Дете на оваа возраст не можеме да очекуваме да има долготрајно внимание и концентрација.  Учењето на негова возраст треба да биде слободно и спонтано во негова режија, без многу структурирање и наметување на активностите. Треба да му се понуди  сигурна средина и слободно да се остави да ја истражува и да ја доживува околината на свој начин. Секако, позитивното однесување убаво е да го наградите и пофалите за да научи кои се позитивни и прифатливи однесувања. Што се однесува за гледањето телевизија, не би требало тоа да го прави подолго од еден час во текот на денот. Тоа што Вашето дете може долго време да гледа цртани на телевизија се должи на визуелните аспекти и движењето кои се присутни во цртаните и ги привлекуваат малите деца.

Однесувањето кое го опишавте кај Вашето синче изгледа дека се должи на вродениот темперамент. Голем дел од однесувањето и реагирањето на детето зависи од вродените карактеристики. Некои деца се поживи, некои пак се помирни, но тоа не значи дека овие карактеристики секогаш ќе бидат со истиот интензитет и дека со текот на времето нема да  можат да се модификуваат. За сега најдобро е да се прифати темпераментот и потребите на детето и да се прилагоди вашето однесување со цел овозможување адекватен развој и благосостојба на детето.

 

Хиперактивно дете (Горан)

Прашање:

Здраво, имам син кој има 4 години и е хиперактивен. Од утро до вечер не седнува, само беснее и прави неред по дома. Неговиот вишок на енергија, најчесто го троши дома, оди и во градинка, но од таму не се жалат. Сака постојано да прави нешто и да е вклучен во некоја активност. Дали смее на мало дете да се даде некој седатив за смирување или нешто на природна база? Ве молам советувајте како да го смириме ова наше дете.

Одговор:

Дете на таа возраст е во период на зголемена активност  и потреба за истражување, испробување и изучување на нови вештини. Родителите често се загрижени за постојаната активност и зголемениот интерес на детето за сè што се случува околу него. Во овој период на развој најубаво е да се направи баланс помеѓу потребите на детето и потребните ограничувања кои ги поставуваат родителите. Според описот, вашето синче претежно вишокот на енергија и зголемената раздвиженост ги манифестира дома, а не на други места како на гости или во градинка. Тоа може да укажува на потреба за подобро структурирање и организирање на активностите дома, но и потреба за дополнителни активности на кои ќе може да го троши вишокот на енергија.  Затоа можете да пробате кога е сончево времето  да го однесете да си игра во паркот, но бидејќи сега е претежно ладно времето можете да посетите некоја игротека. Кога сте дома наместо да барате од него да седи мирен, вклучете го во активности кои вие ги правите, како на пример: готвење или средување. Воведете рутина и структура во секојдневието и придржувајте се до неа. Избегнувајте ги казните освен ако се неопходни и наградувајте го секогаш кога ќе биде мирен или послушен. За давање на медикаменти  одлучува лекар психијатар после направен преглед.

Детето во фаза на инает и своеглавост (Тања)

Прашање:

Моето синче има 2 години и 7 месеци. Оди во градинка, сака да оди, што е најважно за мене. По природа е мирољубив, друштвен и многу сака да си игра. Мене ме загрижуваат неколку работи: Прво, тоа што сеуште носи пелени, иако знае нокширот и wc шолјата за што служат. Многу е тврдоглав и своеглав и кажува секогаш НЕ кога треба да седне на нокшир. Воопшто не се труди да се фокусира на тоа јас што кажувам и правам. Оваа негова тврдоглавост и упорност да добие нешто од мене или сопругот ги применува дома за многу работи. Додека не го добие она што го сака, плаче, се удира од земја, моли, а во моментот кога ќе го добие го менува ликот веднаш. Кога ручаме никогаш не седнува на маса, иако го молиме, не слуша. Во градинка пак, учителките ми велат дека јаде на маса сам со лажица и тоа ги обожава сите јадења, вклучувајќи и манџи, кои дома не сака ни да ги погледне. Уште еден проблем ни е кога ќе излеземе да шетаме, не може никаде да седнеме, бидејќи нема шанси да седи на стол до нас, туку мора постојано да трча и да се натега. Јас и сопругот многу често кога веќе не слуша  и не се разбира од збор на сила ќе го грабнеме за да се реши се во моментот. Знам дека ова не чини, затоа би сакала ве замолам не само за совет, туку и доколку можете да ми ја откриете причината за ваквата појава. Каде грешиме? Излезе моево дете да е невоспитано, а ако ми верувате само му зборуваме со сопругот. Го поставувам ова прашање затоа што во градинка нема таков проблем (барем така ми кажуваат), па си велам, мора ние нешто да не правиме како што треба. Поздрав,

Одговор:

Вашето синче се наоѓа во развојна фаза кога има потреба за доживување на автономија и изразување на слободна волја и поради тоа често сака да истражува, да разгледува, да пробува и постојано да е во движење. Вие како родители во овој период треба да бидете вооружени со трпение и поддршка за вашето синче да може да истражува и учи за околината. Сепак, многу е важно и да се постават цврсти  и здрави граници. Вашето дете иако учи и ја истражува околината, сепак треба да знае до каде може да оди со одредено однесување или активност.  Ситуациите кои ги опишавте не покажуваат дека вашето дете е невоспитано туку дека треба поинаков начин на справување во тие ситуации.  Најубаво би било едноставно и кратко да му објаснете на вашето дете што барате од него. Тоа што барате од него направете го вие, за тој да види како треба. Што помалку му објаснувате, а повеќе обрнувате внимание на однесувањето  полесно е тој да ве разбере. За да воспоставите цврсти граници за тоа што треба, а што не треба, важно е да знае дека секое однесување има последици. Почесто забележувајте го неговото позитивно однесување и пофалете го или наградете го. Во ситуации кога вие мислите дека неговото однесување не е прифатливо тогаш треба да знае дека тоа однесување ќе има последица како на пример: нема веќе играње или гледање цртани. Однесување како фрлање на под, плачење и викање за да добие нешто кое вие сметате дека не треба или не е време за тоа, треба да се игнорира или да му се понуди некоја друга алтернатива. Секогаш треба да  бидете доследни на тоа што ќе му го кажете.  Кога се наоѓате надвор и сакате да седнете негде, најубаво би било да изберете место каде може и тој да се занимава и игра со некоја играчка или да има посебно место за играње за деца. Седнувањето на нокшир не го форсирајте, пробајте прво да воспоставите здрави и цврсти граници, па после тоа може и спонтано да си дојде. Во случај да имате дополнителни прашања и потешкотии можете да закажете средба со психолог.

Ноќни кошмари, стравови (Соња)

Прашање:

Здраво, имам едно прашање во врска со ќерка ми која има 2 ипол години. Неколку ноќи по ред, среде ноќ почнува силно да плаче, не се буди, туку вика не таму, не…одвај можеме да ја разбудиме, има детето кошмари. Преку ден е добра, оди ѝ во градинка и таму е ок.  Уште е мала да ми раскаже што ја мачи…Можно ли е да е исплашена од нешто?  Од што може да биде ова плачење и викање во сон и како да и помогнам? Благодарам,

Одговор:

Според описот изгледа дека се работи за ноќни стравови. Тие може да се јават кај малите деца и се пропратени со повторувачки епизоди на интензивно плачење и страв за време на спиењето. Детето може да се врти во креветот или да се исправи , да вика и плаче. Видливи се и вегетативни знаци како забрзан пулс и дишење, потење и зацрвенување. Детето не е свесно за присуството на родителите до него и не ги слуша кога го смируваат. За разлика од кошмарите, кај ноќните стравови детето не се буди и нема сеќавање за сонот. Во моменти кога се јавува ноќниот страв оставете го да помине, но бидете до вашето дете за не се повреди.  Ноќните стравови може да се јават од повеќе причини како доживување на некој стресен настан, недоволно спиње или некоја физичка потешкотија, но најпрво треба да се исклучат органски причини и затоа е потребно да се консултира и доктор педијатар или психијатар.

 

Замислено другарче (Весна)

Прашање: 

Здраво, имам ќерка која има 4 ипол години. Во последно време почна да разговара со замислено другарче. Му раскажува како си поминала во градинка, се смее со него, заедно јаде со него…јас и сопругот постојано ѝ објаснуваме дека мама и тато се тука за дружење и разговор, но она буквално се дружи со своето замислено другарче. Ве молам за совет, што треба да направиме и како да се однесуваме со нашата ќерка во оваа ситуација?

Одговор:

Со почетокот  на имагинативната игра (после втората година) често кај децата се јавува замислен пријател или пријатели. Самата фантазија и имагинација им помага на децата да научат за околината што ги опкружува, да научат да се справат со другите или да се справат полесно со некоја промена или стрес. Често преку замислен пријател децата усвојауваат некоја нова вештина или се справуваат со промена како нова градинка, принова во семејството, нова средина. Повеќето деца се свесни дека нивните замислени пријатели не се вистински. Замислените пријатели може да им служат за изразување на чувста кои можеби не ги разбираат, но и не можат да ги вербализираат. Како и имагинативната игра така и појавата на замислен пријател е составен дел од равојот на детето. Во случај замисленото пријателче да сака да ви се придружи во секојдневните активности, не му  забранувајте или не му се потсмевајте. Дозволете вашето дете да ја води играта и дозволете му да ја има контролата врз замислениот пријател. Ако ве покани да си играте заедно со замислениот пријател или ако замислениот пријател доаѓа со вас негде, тогаш следете го вашето дете во играта и дајте му простор тоа да одлучува за постапките на замислениот пријател. Замислените пријатели се присутни одреден период  и потоа изчезнуваат.

 

Кафе игротека Слонче

Kosili
Прашајте доктор

Моебебе рецепти

Активности на Facebook

Веб порталот moebebe.com.mk нуди содржини од информативен и едукативен карактер, содржините не се замена за стручен лекарски совет. Доколку имате некој здравствен проблем, Вие или Вашето дете, побарајте стручно лекарско мислење.

Содржините на порталот МоеБебе се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од администраторите на овој портал.