др. Билјана Сотировска Маневска од Стоматолошката ординација Dental Cosmetic Studio одговара на прашања поврзани со здравјето, хигиената и грижата на забите кај децата. Може да ве советува за правилниот раст и развој на забите, нивна превенција и лечење, причини за кариес, млечни заби, трајни заби, функција на сите заби одделно, користење на протези за корекција на забите и многу други теми кои се важни да се отворат и продискутираат.






Совети за хигиена на запчиња на 10 месечно бебе (Сашка)

Прашање:

Мајка сум на 10 месечно бебе, кое веќе активно јаде тврда храна бидејки има  6 запчиња, или единиците се излезени и двојките горе, ги очекуваме и долните скоро. Имам дилема околу користењето на четкичка за заби и паста за малиот, веќе од шест месеци требало да се употребува.

Ве молам за совет, дали навистина треба да почнеме да применуваме, колку често и секако најважното која  паста, и каква четка е препорачлива за таа возраст.

Одговор:

Драго ми е што од најмала возраст се грижите за оралната хигиена на вашето бебе. Бидејќи веќе има заби секако неопходно е тие да се четкаат после секој оброк и обавезно пред заспивање навечер, со напомена да избегнувате по четкањето пред спиење да пие млеко, сок или засладен чај.

За возраст од 10 месеци доволно е да ги четкате запчињата со мали гумени четчиња (ги има во аптеките) кои како напрсток се ставаат на вашиот показалец и вие ќе поминете со четката по сите површини на забите. Воедно овие гумени четки на едната страна се назабени, со што се масира непцето таму каде што сеуште не се никнати забите, па на бебето тоа ќе му се допадне.

Со вистинска четка и паста ќе започнете после првиот роденден. Ќе одберете четка за соодветната возраст со меко влакно и паста збогатена со флуор. На почетокот може и само со четката да ги исчеткате убаво и постепено ќе внесувате и паста во многу мали количини ( колку зрно ориз, а после 18 месеци колку мало зрни грашок) со оглед на тоа дека децата на 1 година сеуште неможат свесно да ја исплакнат устата и да плукаат.Од 18 месеци четкањето веќе ќе ви стане редовна рутина и вашето малечко ќе се навикне на тоа, дури некогаш и самото ќе бара да ги четкате забите.

 

Млеко со флуор за деца (Калина)

Прашање:

Здраво, ме интересира ваше мислење за млекото со флуор. Дали навистина се намалува кариесот ако детето го пие редовно и сл. Ве молам да ми објасните, бидејќи има различни мислења и ставови околу неговата употреба. Благодарам!

Одговор:

Драга  Калина, флуорот е сеуште светски број еден превентивна мерка ( ендогена и егзогена) за заштита на забите од кариес. Независно дали детето флуорот го прима преку млеко или таблетки Флуонатрил (ендогена флуоризација) во секој случај неговото влијание на забите е извонредно. Флуорот е елемент кој се вградува во стуктурата на забот, во глеѓта и ја прави појака, ако се прима во периодот додека забите се во развој (препорачлива возраст за пиење флуор од 6 месеци до 14 години). Со зајакнувањето на структурата на забот, тој станува поотпорен на надворешните влијанија (киселини, бактерии ), а со тоа се намалува и стапката на кариес.

Но како и кај сите лекови најважно е дозирањето и секакво претерување може да биде токсично. На возраст од:

6 месеци до 3 години дневна доза е 0.25 мг

од 3   до 6 години дневна доза е 0.5 мг

од 6  до 14 години 1мг е дневната потребна доза Флуор

Доколку се придржувате до овие дози, а не повеќе, без разлика на формата преку која го прима флуорот таблета или млеко (во некои држави се флуорира водата за превенција на кариес) вашето малечко нема да има никакви проблеми и ќе расте со поздрави заби.

 

 

Повреда на непце кај мало бебе (Загрижена мајка)

Прашање:

Имам мало бебе, има 6 месеци и сега му порасна првото запче, но веднаш до него, местото каде треба да порасне и другото запче му потемни и тоа преку ноќ. Што значи ова? Дали е можно да е некоја инфекција?

Одговор:

Честитки за вашето прво запче! Што се однесува до запчето што треба да никне до него и промената на непцето што сте ја забележале, верувам дека не е ништо страшно, ниту за грижа.Според вашиот опис веројатно и второто запче е исто така на пат да изникне, но малку потешко од првото. Она што е потемнето е ништо друго освен модринка на непцето, која вашето малечко си ја направило гризнувајќи нешто а со тоа го притиснало непцето на секалниот раб од запчето што расте и е веќе блиску до површината или е само потемнета капка капиларна крв предизвикана од ерупцијата на забот. Масирајте го непцето со показалец и гел за непца ( наменет за таа возраст) ќе му олесните на бебенцето, а и на запчето. Уште подобро за  масажа на непцето е ако имате гумена четкичка за заби за бебиња, ако не време е да ја набавите и да почнете со грижа и хигиена на првото запче, а и на оние што наскоро следуваат. Поздрав и очекувам наскоро да ни пишете на moebebe.com.mk  добра вест дека запчето веќе никнало.

Пожолтување на млечни запчиња (Ивана)

Прашање:

Здраво, Честити празници и се најубаво во Новата 2013 година! Моето прашање е поврзано со бојата на забите. Имам две деца, син (3 години) и ќерка (5 години). Синот има жолти млечни заби, а ќерката бисерно бели. И двајцата ги мијат не многу редовно, но со ист вид на паста, со ист тип на четкичка. Синот си јаде добро и буквално сè, а ќерката е пребирлива. Мислев дека ова е поврзано со исхраната, но дали може и генот да ја одредува бојата на коската на забот? Дали е можно на синот да му недостасува некој витамин или минерал? Ве молам за мало објаснување и советување. Ви благодарам и поздрав!

Одговор: 

Драга Ивана благодарам за честитките и јас Ви посакувам се најдобро, пред се добро здравје во оваа година!

Вашето прашање е често прашање на родители но јас секогаш велам се додека забите се здрави, нивната боја не е проблем. Природната боја на забите секако генетски е одредена, и кај секој човек е различна (бела, сивкаста, жолтеникава). Точно е дека има видови храна и пијалоци(црвено вино, кафе, чај, цвекло и тн.) кои влијаат на неа, но тоа влијание треба да е многу долготрајно за да има последици на бојата на забите и затоа на тие влијанија пред се се подложени трајните заби на повозрасните.

Наскоро кај вашата ќеркичка ќе почне и смената на млечни со трајни заби и за да не се доведете во нова дилема добро е да знаете дека бојата на трајните заби не е иста со бојата на млечните. Трајните заби се секогаш малку по жолти од млечните.

Во секој случај посетете го вашиот стоматолог, кој одкако ќе ги прегледа забите, ќе установи какво е нивното здравје и хигиена.

Ако забите на вашите деца се здрави и без кариес, нема за што да се грижите, освен за нивната хигиена. Потрудете се да им објасните а со тоа и да ги убедите колку е важно РЕДОВНО да ги четкаат забите.

 

Нередовно миење на забите, причина за пожолтување на забите (Кате)

Прашање:

Имам ќеркичка која има две ипол години, редовно не ги мие забите и во последно време почнаа да и пожолтуваат… Што треба да значи ова? Ви благодарам!

Одговор:

Промената на бојата на забите е процес, на кој сите заби се подложени, каде со текот на времето поради користењето на секаква храна и пијалоци кои ги пигментираат забите, тие никогаш нема да ја имаат природната белина и боја што ја имале кога никнале. Секако големо влијание на овој процес има редовното четкање на забите со паста. Ако не се четкаат забите редовно на нив се таложат меки наслаги кои освен што ги пожолтуваат забите, се и главна причина за нивно расипување. Вашата ќеркичка веќе е доволно голема за да ја научи техниката на четкање  заби и со ваша помош тоа да и стане навика. Потрудете се тоа да го направите интересно за неа, третирајте ја како возрасна, со тоа што можете да и пуштите некоја песничка што таа ја сака додека сте на мијалникот и ги миете забите, каде миењето заби треба да заврши, кога ќе заврши песничката. Верувам дека овој метод ќе и се допадне и дека ќе бидете редовни и принципиелни со четкањето заби, а така и ќе се ослободите од грижата дека забите и се нечисти, полни со наслаги и поради тоа и пожолти.

Расипано запче (Наташа)

Прашање:

Мојата ќерка има три години и веќе едно запче и е расипано. Дали е нормално толку рано да почнат да се расипуваат? Не јаде многу благо, не пие многу сокови…може ли да е наследно ова? Однапред Ви благодарам на одговорот!

Одговор:

Драга Наташа, ја разбирам вашата загриженост, бидејќи вашата ќеркичка е мала, а веќе има расипан заб, што е релативно често кај мали дечиња, но не значи дека треба да се сфати како нормална појава, затоа што можно е тоа да се спречи. Еве нешто повеќе за тоа како се расипуваат забите кај децата и  кои фактори имаат влијание, како Вие би знаеле што може да превземете во иднина затоа што расипувањето на заби МОЖЕ да се  спречи. Расипувањето на забите (појава на кариес) не е наследено.  Примарно за кариес е одговорна бактеријата со која што порано или подоцна сите доаѓаат во контакт, Streptococcus Mutans. Но, за развој на кариес играат улога и навиките на детето во однос на исхрана, пијалоци и секако четкање заби. Таа бактерија ги метаболизира јаглехидратите и шеќерите од храната при што се ослободува киселина која е погубна за забите ако подолго време се изложени на неа.  Три фактори се главни во забрзувањето на овој процес:

  1. Континуирано јадење и пиење во текот на денот ( оброк, грицки, сокче, овошје, десерти,…) без да и се даде на устата време да „одмори“ и на плунката како природен неутрализатор на киселини да ги заштити забите.
  2. Заспивање со шишенце со млеко, сок, засладен чај или нивно конзумирање во текот на ноќта.
  3. И секако нередовно четкање на забите .

Моја препорака е да го посетите Вашиот стоматолог кој ќе го поправи расипаното запче, во иднина поставете си ред со вашата ќеркичка со три главни оброци и само две ужинки во денот и барем два пати на ден (наутро и пред спиење) да ги четка забите со паста  збогатена со флуор  и верувам дека ова ќе биде нејзин прв и последен расипан заб.

Има 10 месеци, а сеуште нема ниедно запче (Билјана)

Прашање:

Ве молам за совет…Имам синче кое има 10 месеци, а сеуште нема ниеден заб. Педијатарот вели дека не е ништо страшно, но јас се плашам…незнам дали е нормално ова? Секој ден чекам да му никне запче, но нема сèуште ништо. Постојано рацете му се во уста и е прилично нервозен. Дали треба нешто да превземам, дали да му ги мачкам непцата со некоја течност?

Одговор: 

Просечното време на никнување на првиот млечен заб е помеѓу 6 и 10 месеци . Но, тоа во просек не е правило.  Како што има бебиња на кои првото запче им никнува на 3 -4 месечна возраст, така има и дечиња кај кои првото запче може да задоцни и да се појави во 13тиот па дури и 15тиот месец. Нема причина за никаква паника што на вашето малечко на 10 месеци сеуште не му никнало запче. Дајте му уште малку време пред да почнете  да се грижите.

Задоцнетото никнување на забите кај децата има и своја предност. Со самото тоа што подоцна се појавиле во устата, тие и подоцна почнуваат да се изложуваат на сите фактори кои предизвикуваат ризик од кариес. И секако, кога детето е поголемо многу полесно за Вас ќе биде да го научите и навикнете на редовно четкање заби  со што ќе го намалите ризикот од нивно расипување. Во меѓувреме, Вие покажете малку трпение и без грижи, запчето ќе се појави, а малечкото ќе мора уште малку да го издржи нервозното чешање на непцата. За да му олесните малку, набавете некој гел (во аптеките има избор од неколку производи за таа намена) за премачкување непца во период кога растат заби, кој го смирува непцето и ги намалува болките и нервозата кај бебињата. Неколку пати во денот блага масажа на непцата со таков гел ќе му биде пријатна на Вашето малечко.

Кафе игротека Слонче

Kosili
Прашајте доктор

Моебебе рецепти

Активности на Facebook

Веб порталот moebebe.com.mk нуди содржини од информативен и едукативен карактер, содржините не се замена за стручен лекарски совет. Доколку имате некој здравствен проблем, Вие или Вашето дете, побарајте стручно лекарско мислење.

Содржините на порталот МоеБебе се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од администраторите на овој портал.