Логопед - Марија Митревска, Логопед од Центарот за ментално здравје и аутизам ПЗУ КАЛИНКА

Како логопед можам да одговарам на прашања поврзани со говорно-јазичната проблематика. Проблеми при неправилна артикулација на гласовите-дислалија, супституција односно замена на еден глас со друг, потоа проблеми со дисторзија односно оштетен изговор на одреден глас како и совладување на техника за третман при пелтечење.






Совети за развој на говорот кај детето (Дарко)

Прашање:

Мојот син има 2 години и 10 месеци, сеуште не успева да поврзе реченици, односно поврзува само неколку прости реченици како “пали светло“, “пушти цртан“. За се останато се служи само со по еден збор. Исто така кога ќе го прашам нешто одговара со “ништо“ (за НЕ-доколку не сака), или го повторува она што сака да го добие а не се служи со “ДА“. На пример: Сакаш да јадеш банана? Или ќе ми рече “ништо“ или “банана“. Има голем фонд на зборови, разбира наредби, некогаш ќе послуша некогаш не, слуша се она што е во негов интерес.  Ги знае сите букви од азбуката и броевите до 10, знае да чита кратки зборови (мама,тато,маче и сл), ги препознава сите бои и форми,од цртаните формите ги кажува и на англиски, разликува мало и големо, користи еднина и множина, ги знае сите марки на автомобилите, од цртаните формите ги кажува и на англиски…Додека гледа цртан со македонска синхронизација повторува и знае што однапред ќе биде кажано. Раскажува приказни течно и пее песнички. Понекогаш се изразува во 3то лице, но во последно време се корегира самиот и зборува и во прво лице.  Инаку до 2 години и 1 месец не зборуваше ништо. Сето ова што е совладано е за овие 9 месеци. Честопати наместо да ми каже “отвори врата“ знае само да вика или да ме тегне за рака, ама во последно време не му ја исполнувам желбата додека не ми каже со зборови и тоа успева. Јас сум загрижен за тоа дали ќе успее да ја достигне нормалната комуникација во однос на говорот до времето кога треба да појде во училиште и ве молам кажете ми дали уште сега на оваа возраст треба да работи со логопед или дефектолог. Инаку оди во градинка и таму е одлично социјализиран.

Одговор:

Вашиот син согласно со возраста во рецептивниот говор (слушање и разбирање) треба да ги разбира разликите во значењето на спротивните поими: големо-мало, горе-доле, оди-стој, ден-ноќ, има-нема. Исто така треба да слуша и да изведува две молби истовремено, на пример, земи ја топката и стави ја на креветот. Во однос на на експресивниот говор (говорно изразување) треба да именува се околу него, односно да има соодветен збор скоро за се околу себе. Во спонтаниот говор би требало да користи две – три реченици, да поставува прашања или да коментира одредена ситуција. Треба да ги именува предметите кои сака да ги добие. Околината треба да го разбира говорот на детето, вклучувајќи и непознати лица. Со оглед на тоа што кај вашиот син говорот подоцна се појавил и тоа што го има сепак е некаков напредок. Ваша задача, од мој стручен аспект е да ви препорачам да вршите само вербална стимулација. Потребно е што повеќе да разговарате со детето. Да се стимулира развојот на гласовите кои делумно ги изговара, а потоа да се стимулира развојот на оние гласови кои воопшто ги нема. Читајте му што повеќе, терајте го да раскажува после тоа. Измислувајте најразлични ситуации, доживувања кои ќе му бидат интересни да ги слуша, па барајте од него и тоа да раскажува одредени ситуации од градинка. Разгледувајте сликовници со јасни слики. Детето во секоја ситуација не смее да биде пасивен слушач. Мора да се тера што повеќе да размислува и од време на време барајте мислење од него. Доколку бара нешто, а не дава соодветен збор туку само ви покажува не давајте му го тоа што го бара. Терајте го да размисли, да го најде соодветниот збор и да побара со збор. Дури тогаш ќе му го дадете предметот што го бара. Тоа е научено само да покаже , а вие да му дадете и затоа се уште ги користи тие ситуации. Ќе ви биде можеби тешко на почеток, но мора да бидете упорни. До 4 години е тој развоен период на говорот. После тоа е соодветно време за посета на Логопед каде се врши корекција на тоа што дотогаш е добиено во говорот.

Кога на Логопед, ако детето сеуште не зборува (од Јадранка)

Прашање:

Докторке, моето детенце е 2ипол години сеуште не зборува, освен мама тато…Дали треба да ја носам на логопед?

Одговор:

Јадранка поздрав и до Вас. За вашето дете е важно дека има било каков говор. Дали е тоа реченица или зборови, битно е дека веќе има свесен говор. Развојот на говорот е индивидуален. Обратете внимание на тоа дали извршува едноставни налози и дали развива некаква симболична игра. Ако е тоа во ред ,зборовите ќе си се редат еден по еден. До 3 год треба да имате проста реченица. Она што сега треба да го правите е секојдневна стимулација на развојот, односно читање сликовница ама постојано, играње игри заедно со детето вие да седнете да играте и да му зборувате истовремено. Тие се сега како сунѓери и само впиваат и учат. Гледајте цртани заедно и зборувајте му, раскажувајте го цртаниот филм. Не бебешки, нормално ќе си зборувате, јасно и чисто. До 4 години е оној  преоден развоен период  кога секојдневно говорот се менува, се надополнува, се збогатува речникот, се учи правилниот изговор. Послушајте ги советите и ќе биде во ред се надевам. После 4 год ако сеуште има проблеми посетете Логопед.

Дали пелтечењето е наследно и дали може да се излечи целосно? (од Гордана)

Прашање:

Поздрав докторке, имам едно прашање до вас: дали пелтечењето е наследно и дали може да се излечи целосно?

Одговор: 

Поздрав и до вас Гордана. Пелтечењето е пореметување во флуентноста на говорот. Во однос на говорно – јазичните пореметувања, претставува сериозна пречка на секој поединец нормално да ја изведува секојдневната меѓучовечка комуникација. Пелтечењето е функционално пореметување на говорот кое се манифестира со свесни, а ненамерни, испрекинати, дисхармонични и дисритмични бранувања на звукот со разнолична фрекфенција и квалитет. Етиологијата односно причината е сеуште недоволно позната. Причини може да бидат одредени стресни ситуации, доживеан страв, конфликтни ситуации, тешко породување, заостанатост во психомоторниот развој. Се смета дека постои генетска предиспозиција ако во потесното или поширокото семејство имало некој кој пелтечи. Секако дека може целосно да се излечи, но потребно е да се почне навреме и секако со вежби кај стручно лице, односно со Логопед. Најважно е да не му потенцирате на детето, да не го опоменувате, ниту пак карате, да не го исправате ни критикувате, затоа што пореметувањето ќе се фиксира и уште повеќе ќе се изрази.

Вежби за правилно изговарање на буквата Л (Иван)

Прашање:

Може ли да ни кажете некои вежби за правилно изговарање на буквата Л? Ви благодарам!

Одговор:

Здраво, Иван. Ламбдацизмот или потешкотии во изговарање на гласот Л е едно од почестите говорни потешкотии. Не ми кажавте на која возраст е вашето дете. Ако се работи за возраст околу 3 години тогаш не се загрижувајте, Гласот Л тогаш е во развој. Меѓутоа,  ако е над 4 години тогаш веќе треба да побарате помош од Логопед. Учете го на правилен изговор, правилна положба на јазикот (јазикот нагоре позади горните секачи). Ако не ве разбира, помогнете му со помош на прстот да го намести јазикот на вистинското место. Обидете се така да го добиете Л, ако не ви успева ви советувам да побарате помош од Логопед, бидејќи така ќе бидете најсигурни дека ќе го добиете гласот Л. Повелете во Пзу Калинка. Поздрав!

Моето дете сеуште зборува на свој јазик (Марина)

Прашање:

Здраво, ќерка ми има 2 години и 7 месеци. Незнам дали воопшто да се загрижувам, но не зборува се уште како што треба…зборува на свој јазик, одлично комуницира со нас, раскажува, зборува и доста се труди да ја разбереш, а во суштина никој не ја разбира кога зборува. Оди во градинка, се дружи со деца, но дома гледа многу цртани на youtube и тоа на различни јазици. Дали може ова да влијае врз нејзиниот говор, бидејќи некогаш почнува да брои на англиски, поздравува на шпански и мене тоа ме загрижува. Ве молам за ваше мислење. Благодарам!

Одговор:

Драга Марина вашата ќерка се наоѓа во онаа преодна фаза која се случува помеѓу втората и третата година. На оваа возраст гласовите не се постојани како кај возрасните. Поголем дел од нив се во непрестаен процес на обликување, според тоа и во постојан процес на менување.Тоа би значело дека со навремено поправање може да ја увиди грешката и сама да ја исправи. Според мене не треба многу да се грижите. Она што треба да го правите е колку можете помалку на youtube, тоа е таа технологија која денес придонесува за се поголем број на говорни потешкотии. Или ако веќе гледа цртани тоа нека биде со Македонска синхронизација, ги има на интернет. Бидејќи таа е во фаза кога сеуште не го усовршила мајчиниот јазик, а со гледањето цртани и се вметнува и нов јазик. Тоа се нарекува Билингвизам. Мој совет- читајте повеќе сликовници заедно, играјте со коцки, со кукли секакви креативни игри што ќе бидат интересни и за вас и за ќеркичката. Помалку компјутер, повеќе комуникација. Поправајте ја на правилен изговор, помагајте и меѓутоа не со карање или потсмев. Само како стимулација за правилен изговор. Доколку до 4 годинки се уште мислите дека говорот не е добар, побарајте помош од Логопед.

 

Неправилен говор (Марија)

Прашање:

Мојот син има 4 години и сеуште неможе да ја каже буквата Р. Наместо Буквата Р, ја кажува буквата Л, а кога треба да каже збор во кој ја има буквата Л ,ја скока оваа буква. На пример: вели ЕКА, наместо ЕЛКА или ЛОДЕНДЕН, наместо РОДЕНДЕН. Дали треба да се грижам, до која возраст се толерира ова неправилно говорење и дали треба да правиме некои вежби? Ве молам за совет!

Одговор:

Добивањето на гласот “Р” се толерира до 5 годишна возраст. Тој е малку потежок од другите гласови и потребно е повеќе време и трпение додека се научи. Воглавно треба да ја добиете правилната позиција на јазикот за да се совлада овој глас. Како совет можам само да ви препорачам да му помагате на своето дете да го става јазикот горе  позади предните  заби, односно да го става своето прсте под јазикот и така да изговара Р (оваа техника, најдобро е да ви ја покаже Логопед, во случај да не ме разбравте сега). Обидувајте се низ игра да возите мотор, автомобилче, камион (да прави брррммм,трммм). Во целост, за почеток тоа е доволно. Ако до 5 години не го добиете гласот Р,тогаш најдобро е да посетите Логопед за да се корегира до тргнување во училиште.

 

Кафе игротека Слонче

Kosili
Прашајте доктор

Моебебе рецепти

Активности на Facebook

Веб порталот moebebe.com.mk нуди содржини од информативен и едукативен карактер, содржините не се замена за стручен лекарски совет. Доколку имате некој здравствен проблем, Вие или Вашето дете, побарајте стручно лекарско мислење.

Содржините на порталот МоеБебе се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од администраторите на овој портал.