Приказна од мојот прв училишен ден

Да, тоа беше еден 1ви Септември. Врнеше дожд и дуваше силен ветер. Времето се расипа, беше ладно, темно и тажно. Моето подготвено фустанче кое висеше на закачалката во мојата соба и моите нови сандали не можев да ги облечам. Со денови се подготвував и види сега надвор врне. Малку се разочарав, но мама имаше подготвено сè што треба и сè беше во ред.

Пристигнавме. Дворот на училиштето полн со деца, мали, големи, некои плачат, некои трчаат, некои се смеат, а јас со мама и тато за рака се пробиваме низ сите тие мајки, татковци, баби, дедовци кои беа собрани таму. Конечно влеговме. Училиштето беше убаво, мирисаше на тазе бојадисувано. Ѕидовите беа светло сини, на кои имаше ставено многу слики кои не знам зашто само во нив гледав. Прозорците беа нашарани со ликовите од цртаните филмови кои јас ги познавав. Ми се допадна тоа.

Паметам бев многу возбудена и уплашена. Повеќе уплашена…искрено, ми се плачеше многу. Ја држев вкочането раката на мајка ми и не сакав никако да ја пуштам. Наеднаш почна да свири нешто, еден чичко беше со свирче, правеше ред. Се упативме во холот на училиштето каде имаше голема бина, а таму стоеше една тетка која сакаше да каже нешто. Настана тишина. Почнаа да се прават колони од деца. Почна да ѕвони. Тоа беше почетокот. Мојот прв училишен час започна. Најважниот момент во мојот живот. Секоја учителка водеше две колони со 15 тина деца. Каде ли одат? Ми дојде редот и мене…ме прочитаа. Требаше со другарчето до мене да одам во мојата училница. Па, добро де, ќе одам, ама да дојде ѝ мама. Влеговме во просторијата. Силна светлина ме облеа, сè беше многу шарено, имаше клупи и столчиња, беше убаво. Влегоа ѝ родителите. Мојата учителка се викаше Сузана. Застана пред сите нас и почна да зборува…Таа беше најдобрата учителка на светот. Многу ја сакав. Беше секогаш насмеана, позитивна, научив многу работи благодарение на неа. Моето основно знаење, моето добро и умерено однесување, мојата култура и воспитание и ги должам неа. Секогаш ќе ја паметам и ќе ја чувам во моите мисли.

Јас бев добро дете, другарував со многу деца, знаев многу игри и песни, учев…едноставно кажано, имав одлично детство.

А, заборавив да споделам уште нешто. Јас бев ѝ ПИОНЕР. Еее, тоа беа времиња… тие што ги паметат, знаат  за што зборувам!

П.С. Им посакувам на сите дечиња успешна и берикетна учебна година!
       

СО СРЕЌА!

Кафе игротека Слонче

Kosili
Прашајте доктор

Моебебе рецепти

Активности на Facebook

Веб порталот moebebe.com.mk нуди содржини од информативен и едукативен карактер, содржините не се замена за стручен лекарски совет. Доколку имате некој здравствен проблем, Вие или Вашето дете, побарајте стручно лекарско мислење.

Содржините на порталот МоеБебе се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од администраторите на овој портал.