Интервју со Д-р Билјана Сотировска Маневска: Совети за хигиена и грижа на млечните запчиња

Интервју со др. Билјана Сотировска Маневска: Совети за хигиена и грижа на млечните запчиња

Никнувањето на забите започнува најчесто околу шестиот месец по раѓањето со појавувањето на долните секачи и продолжува се до првата половина на третата година од животот, до кога најчесто се никнати сите 20 млечни заби. Многу родители мислат дека еден ден млечните запчиња ќе се заменат со трајни и затоа ја занемаруваат нивната хигиена.

Детето мора да стекне навика уште од рана возраст да ги негува и чисти своите запчиња….За оваа тематика Моебебе разговараше со Д-р Билјана Сотировска Маневска од Стоматолошката ординација Dental Cosmetic Studio.

 

МоеБебе: Од која возраст треба децата да почнат со миење на забите?

Д-р Билјана: Грижата за забите треба да почне од најрана возраст. Тоа значи од моментот на појавување на првиот заб (обично помеѓу 6 и 10 месеци), но меѓународното здружение на стоматолози препорачува дека добар вовед во навиката и одржувањето на забите и устата чисти е чистење на усната празнина и непцата и пред тоа. Тоа се прави со мало парче стерилна газа намотано на показалецот на родителот, кое е доволно да биде влажно и со него да се истријат непцата, ако вашето малечко ви дозволи, иако во поголем број случаи тоа им се допаѓа на бебињата. Со појавувањето на првиот заб, треба да се набави и првата четкичка за заби, адаптирана за бебиња која исто така се навлекува на показалецот и со неа нежно се тријат непцата и забите што растат и со тоа се спречува задршка на остатоци од храна на забните површини и се избегнува ризикот од кариес кај вашето бебе.

 

МоеБебе: Постои ли правило, начин или редослед на миење на забите?

Д-р Билјана: Често се случува пациент да се пожали дека редовно ги четка забите но сепак на нив има наслаги. Секако станува збор за правилна техника на четкање заби. Битно е таа да се пренесе на децата во моментот кога започнуваат сами да ги четкаат забите за да стане нивна навика понатака во животот. Влакната на четката треба да се закосени под агол од 45 степени кон непцето цело време додека се четкаат забите. Се започнува од горен лев квадрант (катници) со надворешните површини на забите, па фронтот, па десниот квадрант со елипсовидни движења. Истиот редослед за долните заби и на крај се четкаат и внатрешните т.е задните површини на забите. Четкањето треба да трае просечно по 2 минути за да се исчистат забите убаво. За да им ја направите постапката интересна на децата, а сепак доволно долго да ги четкаат забите,кажете им дека тоа треба да трае колку што трае нивната омилена песна. Дури може и да ја пуштите песната да ги миете забите додека таа не заврши. Не заборавајте на крај да го исчистите и јазикот, на кој исто така се задржуваат многу бактерии.

 

МоеБебе: Колку пати на ден треба да се мијат забите и кога?

Д-р Билјана: Идеална фреквенција на четкање заби би било после секој главен оброк, значи три пати на ден. Во најлош случај забите треба да се четкаат два пати дневно, наутро и пред спиење. Уште од најрана возраст практикувајте да ги четкате забите на вашето дете два пати дневно, тоа е доволно за да се всади кај него навиката за чисти и здрави заби.

 

МоеБебе: Со каква паста препорачувате да се мијат забите и дали е важна формата на четкичката?

Д-р Билјана: За видот на четка јас секогаш им велам на моите пациенти дека најдобра е онаа четка што редовно ќе ја користите :-). Денес на пазарот има мал милион видови на четки за заби што по малку и ги збунува луѓето. Секако формата на четката не е пресудна за здрави заби, важно е редовно да се четкаат. Кај малите деца после една година, ако се никнати поголем број заби (кај секое дете е индивидуално, но на оваа возраст просечно имаат од 4 до 8 заби во устата) може да се почне со паста за заби која е наменета за деца на таа возраст, во многу мали количини. Добро е да се користат пасти збогатени со флуор, но ако се дава на детето флуор во вид на таблети за кариес профилакса, не е неопходно пастата да содржи флуор. На четката доволно е да се стави паста колку зрно ориз и одкако ке се исчеткаат нема да има потреба да се плакне, се додека детето не научи да плакне уста.

 

МоеБебе: Кога треба детето прв пат да посети стоматолог?

Д-р Билјана: Здружението на доктори по Детска Стоматологија препорачува тоа да биде околу првиот роденден. Со навршена една година детето веќе има заби, за кои стоматологот, откако ќе ги прегледа, ќе ве посоветува за одржувањето на орална хигиена на детето, навремена заштита и спречување на ризикот од кариес, за некои навики ако детето ги има, а влијаат на забите (на пример цицање прст, цуцла лажалка и сл). Со самото тоа што од малечко ќе го носите на редовни контроли (дури и кога вие мислите дека е се во ред со забите), ќе му помогнете многу на вашето дете да ја свати важноста на убавината и здравјето на забите и насмевката и да не создаде одбивност и страв од посета на стоматолог и тоа ќе го прифати како нормален дел од начинот на живот.

 

МоеБебе: Кој е вашиот пристап кон малите деца кога прв пат доаѓаат кај вас на стоматолог?

Д-р Билјана: Пристапот е релативен во зависност од возраста навиките и карактерот на детето се разбира. Во најголем број случаи кај нас во ординација првата посета ја користиме за меѓусебно запознавање и за запознавање на детето со инструментите и материјалите што ги користиме. Може заедно да изгледаме некој цртан филм додека детето седи на стоматолошката столица, за да се привикне на неа, а за тоа време разгледуваме што се има на столицата и работниот пулт. При првата посета задолжително разговараме за четкањето на заби и скоро на секое дете му е интересно кога убаво ќе му се објасни на модел како правилно треба да ги исчетка забите дома. Секако постојат деца кои веднаш прифаќаат да се поправи некој заб ако е потребно и мислам дека пресудна улога во тоа има нашата искреност со децата. Тие не сакаат да бидат излажани и веруваат во она што ќе им се каже, затоа јас секогаш им кажувам како ќе го поправиме забчето, дали тоа ќе боли и колку време треба да бидат мирни. Тогаш тое се задоволни затоа што се третирани како возрасни.

Кафе игротека Слонче

Kosili
Прашајте доктор

Моебебе рецепти

Активности на Facebook

Веб порталот moebebe.com.mk нуди содржини од информативен и едукативен карактер, содржините не се замена за стручен лекарски совет. Доколку имате некој здравствен проблем, Вие или Вашето дете, побарајте стручно лекарско мислење.

Содржините на порталот МоеБебе се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од администраторите на овој портал.