Интервју со Д-р Јадранка Ацевска Најдевска: Високата температура кај детето и како да се справиме со неа

Dr. Najdevska

Најчесто зимскиот период е период кога децата најмногу се разболуваат, каде зголемената телесна температура е доволна причина да многу родители  почнат да креваат паника и да се плашат, мислејќи дека детето е многу болно. Дали зголемената температура е доволен показател за болест, ќе ни објасни Д-р Јадранка Ацевска-Најдевска од ПЗУ „Света Петка“ во детски диспанзер при поликлиника „Идадија“ од Скопје, која е стручна во оваа област и со долгогодишно работно искуство.

МоеБебе: Кои се најчестите причини за зголемување на телесната температура?

Д-р Јадранка: Постојат повеќе причини поради кои доаѓа до зголемување на телесната температура (фебрилност) кај децата. Најчесто тоа се: инфекција (вирусна или бактериска), дехидратација,  реакција на лекови,  заболување на централниот нервен систем или ексцесивно затоплување.

МоеБебе: Која температура е висока, постои ли скалило по кое може да се водиме?

Д-р Јадранка: Нормално телесната температура мерена аксиларно (под пазуви) е од 36,5 до 37 степени Целзиусови, а мерена ректално (во аналниот отвор) таа е за околу 0,8 степени Целзиусови повисока. Температурата повисока од овие вредности е покачена.

МоеБебе: На кој начин најдобро може да ја измериме температурата?

Д-р: Јадранка: Мерењето на телесната температура е веродостојно кога се врши најмалку три минути под рака (аксиларно) со живин термометар. Во поново време, со дигитални термометри може да се мери во ушниот канал, ректално и сл.

МоеБебе: Среде ноќ кога детето ќе крене висока температура многу родители ги фаќа паника и не знаат што да прават. Што ги советувате вие, што најпрво да направат?

Д-р: Јадранка: Кај деца помали од 8 години степенот на покачената температура не ја одразува секогаш и тежината на болеста. Екстремни промени на температурата можат да се јават несразмерно со степенот на инфекцијата. Новороденчињата и доенчињата можат да бидат тешко болни со нормална или лесно покачена температура, додека децата од 2 до 5 години можат да имаат температура до 40 степени и кај лесни респираторни инфекции. Кај деца постари од 8 години температурниот одговор на инфекциите е сличен на оној кај возрасните. При фебрилност родителите треба да ги појат децата со течности, да им ставаат облоги на кожата со алкохол или оцет или да ги тушираат со млака или топла вода (најмногу водата да е топла до 38 степени), никако со ладна вода.

МоеБебе: Кога  треба да се дадат лекови? Ѝ бидејќи начинот на дозирање зависи од староста на детето, дали може да ни објасните што и како треба да прими едно новороденче и  што и како треба да прими едно дете?

Д-р Јадранка: Лекови за намалување на зголемена температура (антипиретици) се даваат кога температурата е 38 степени и повисока, но внимателно и не пречесто. Најдобро е да се даваат на 6 до 8 часа растојание од претходната дадена доза и во умерени дози кои зависат од големината на телесната тежина. Покрај изнемоштеност и непријатност, долготрајната фебрилност над 40 степени Целзиусови може да доведе до дехидратација и штетни ефекти на централниот нервен систем .Во тие случаи неопходно е пиење на многу течности и електролити. Уште еднаш повторувам, да не се применува неконтролирана употреба на антипиретични средства при лесно покачени температури под 38 степени Целзиусови.

МоеБебе: Како последица од многу висока температура кај детето може да се појават грчеви. Како родителите да препознаат дека детето има грчеви, дали ненадејно може да го фати грч и како да се заштитат од нив?

Д-р Јадранка: При високи температури особено при ненадеен скок на телесната температура преку 40 степени Целзиусови може да се јават фебрилни конвулзии (грчеви) кај деца до 5 години,  поради незрелост на нервниот систем. Една епизода на овие грчеви обично трае помалку од 5 минути, но поретко и до 15 минути. Родителите ќе ги препознаат по тоа што детето станува отсутно и укочено. За да се спречат фебрилните конвулзии треба да се лекува постоечката инфекција кај детето која предизвикува покачена температура: воспаление на ушите, грлото , носот, белите дробови и сл.

Во случај каде веднаш не може да се утврди каква инфекција предизвикала зголемената температура треба да се направат испитувања: комплетна крвна слика, урина, ликвор, микробиолошки испитувања (брис од нос и грло, од искашлок, од уши и тн.).

Постапката која треба да ја применат родителите при појава на фебрилни конвулзии е следнава:

– одржување проодност на воздушните патишта

– снижување на телесната температура со влажни облоги или туширање со млака вода

– откако ќе поминат конвулзиите се дава антипиретик

Ако грчевите перзистираат или се повторуваат детето треба да се однесе на доктор кој ќе ја испита функцијата на централниот нервен систем и по потреба ќе го заштити со терапија за да се спречи појава на нови епизоди на фебрилни конвулзии.

МоеБебе: Кога родителите да го понесат детето на лекар?

Д-р Јадранка:  Родителите треба да го однесат детето на лекарски преглед кога температурата е висока и долготрајна (повеќе од два до три дена) и кога забележуваат знаци за некоја од горенаведените инфекции кај детето.

 

Кафе игротека Слонче

Kosili
Прашајте доктор

Моебебе рецепти

Активности на Facebook

Веб порталот moebebe.com.mk нуди содржини од информативен и едукативен карактер, содржините не се замена за стручен лекарски совет. Доколку имате некој здравствен проблем, Вие или Вашето дете, побарајте стручно лекарско мислење.

Содржините на порталот МоеБебе се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од администраторите на овој портал.