Сè за спанаќот – зошто е добро да се јаде

Сè за спанаќот – зошто е добро да се јадеСпанаќот игра многу важна улога во одржување на здраво тело. Доколку редовно го јадете, ќе примите голем број на хранливи состојки. Негова предност е тоа што е доволно распространет и го има во текот на целата година.

Опис и потекло

Спанаќот е едногодишно растение со темнозелени листови. Му припаѓа на групата зелено – лиснат зеленчук. Потекнува од Иранската висорамнина.

Во средниот век се продавал свеж или варен, сецкан или во вид на топчиња.

Арапите во 15-тиот век за првпат го пренесуваат во Шпанија, од каде што се шири низ северна и централна Европа. Во 17-тиот век бил многу популарен и се подготвувал со шеќер.

Енергија и нутритивна вредност

Спанаќот е храна богата со вода, има ниска енергетска вредност (61 kJ на 100 г спанаќ) и е лесно сварлив. Спанаќот содржи 2,2% белковини, 3,9% јаглехидрати и 0,3% масти.

Спанаќот е многу богат со минерални и витамински состојки: претставува одличен извор на фолна киселина, витамин А, витамин Ц, железо, магнезиум и манган. Исто така е добар извор на рибофлавин, витамин Б6, витамин Е, калциум и калиум.

Покрај витамини и минерали, содржи ѝ диететски влакна (2,2 g на 100 g спанаќ). Младиот спанаќ содржи помалку влакна од постарите листови, така што вредноста може да се разликува.

Листовите спанаќ се со изразито зелена боја, поради присуството на големата количина на хлорофил (0,1-0,2%), па затоа со право е наречен „крал на зеленчукот со хлорофил“.

Спанаќот како лек

Минералните материи од спанаќот имаат поволно влијание врз нашите тела. На пример: магнезиумот е неопходен кога се работи за мускулите и срцето, калиумот го стимулира излачувањето на водата од организмот и на тој начин им помага на бубрезите и срцето, го намалува крвниот притисок, го стимулира панкреасот и варењето на храната и го чисти организмот.

Спанаќот, исто така содржи добра комбинација на витамин Б, кој е важен за зајакнување на нервите, за убава коса, кожа и нокти. Витаминот Ц го појачува имунитетот, додека бета – каротинот е важен антиоксиданс.

Спанаќот претставува значаен извор на фолна киселина, која игра важна улога во структурата на црвените крвни зрнца, особено во бременоста (дефицит од фолна киселина може да резултира со предвремено породување или ниска родилна тежина на бебето).

Во просек има 194 мг.  фолна киселина во 100 г спанаќ, но кога термички ќе се  обработи се губи еден дел и тогаш има 145 мг. фолна киселина во 100 г спанаќ. Поради големото значење на фолната киселина, одредени видови храна, како што се: леб, тестенини, ориз и друга житна храна (corn flaks), се збогатени со фолна киселина, каде најчесто ја комбинираат со спанаќ.

Диететските влакна од спанаќот стимулираат перисталтика на цревата, помагаат при појава на запек и вршат детоксикација на телото.

Несакани ефекти при консумирање на спанаќ

Спанаќот содржи оксална киселина, која во вид на кристали се внесува во телото и може да предизвика затнување на бубрежните канали. Затоа оние кои имаат проблеми со бубрезите треба да го избегнуваат.

Оксалната киселина главно ја има во стеблото и „ребрата“ на спанаќот. При негова подготовка најдобро е да се исчисти добро, без оглед дали ќе се јаде свеж или варен. Ефектот од оксалната киселина може да се ублажи, доколку спанаќот го подготвите со млеко или павлака, бидејќи оксална киселина се врзува со калциумот од млекото, каде се создава нерастворлив калциум оксалат кој лесно се излачува од телото.

Купување и чување

Свежиот спанаќ, кај нас може да го купите на пазар. Го има во изобилие, па можете да си одберете таков каков што сакате. Може да купите млад или постар спанаќ, разликата е во изгледот на листовите. Младиот спанаќ има обично по еден лист на секое стебло, има светла боја и мазна површина. Постариот спанаќ има повеќе листови на едно стебло, темно зелена боја и збрчкана површина.

При термичка обработка на спанаќот, се губи голема количина на вода. Доколку сакате да го подготвите за ручек, без оглед на начинот на подготовка, ќе треба да купите околу 450 грама по лице.

Најдобро е веднаш да го подготвите, но ако треба да го чувате, ставете го во пластична кеса и чувајте го максимум неколку дена.

Може да користите и свежо замрзнат спанаќ, кој може да го купите во било која продавница.

Подготовка на оброци со спанаќ

Јадете спанаќ во лето и есен. Тогаш содржи мали количини на оксална киселина и нитрати (спанаќ растен на сонце содржи помалку нитрати и оксална киселина од оној одгледуван во сенка)

Доколку сакате да го сварите или зготвите на пареа, ставете го во вода што врие и варете неколку минути. Водата во која се варел спанаќот секогаш фрлајте ја, бидејќи содржи нитрати.

Секогаш подготвувајте го непосредно пред јадење, бидејќи еднаш термички обработен не треба да биде повторно загреан (поради формирање на бактерии во дебелото црево кои под влијание на внесениот нитрат може да предизвика канцер).

Најпрво, отстранете ги цврстите и тешки делови од стеблата на спанаќот, а потоа измијте го под млаз вода за да се ослободи од остатоците на песок и земја.

Доколку спанаќот сакате да го подготвите како прилог на некое јадење, по готвењето оплакнете го со ладна вода за да ја зачува убавата зелена боја. Потоа добро исцедете го, исецкајте го, додадете малку растопен путер и послужете. Можете да го зачините со сол, бибер, лук, коцки сув леб.

Можете да го додадете во бешамел сос, во пржени јајца со малку пармезан или да го додадете во омлет. Одлично се комбинира со месо, риба, коренест зеленчук и мешунки. Исто така се користи и во подготовка на разни видови на тестенини и  лазања.

 

Кафе игротека Слонче

Kosili
Прашајте доктор

Моебебе рецепти

Активности на Facebook

Веб порталот moebebe.com.mk нуди содржини од информативен и едукативен карактер, содржините не се замена за стручен лекарски совет. Доколку имате некој здравствен проблем, Вие или Вашето дете, побарајте стручно лекарско мислење.

Содржините на порталот МоеБебе се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од администраторите на овој портал.