ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ: Општина Карпош вложува во својата младина – Тоа е нашата иднина

intervju-stevcho-jakimovski

Во последната 2012 година, Општина Карпош доби највисока оценка од своите жители за услугите кои ги дава локалната власт, особено во областа на образованието, спортот и културата. Карпошани се горди на својата општина и како што самите велат е најубавото катче за живеење во кое човек може само да посака да живее.

Во Карпош постојано се гради, се обновува старото со ново… Карпош се грижи за своите најмили и најмали: реконструира училишта и градинки, обновува и гради детски игралишта… Организира културни настани, фестивали и натпревари… Вложува во спортот за младите од Карпош…

За тоа како и колку Општина Карпош вложува во својата младина и иднина, поразговаравме со првиот човек на Општина Карпош, г-н Стевче Јакимовски.

 

МоеБебе – Во последниве четири години успеавте да ги решите најголемиот дел од инфраструктурните проблеми во Општина Карпош.
Ги реконструиравте сите основни училишта, ги обновивте старите и изградивте нови детски игралишта, дали продолжувате понатаму со реконструкција на градинките?

– За само четири години, се реконструирани и санирани сите десет основни училишта, колку што ги има во општина Карпош. Изградени се и потполно нови училишта, така што сите десет основни училишта добија нов лик и станаа места каде што учениците се чувствуваат пријатно и безбедно.

Со тоа станавме дел од европската образовна стратегија, односно стратегија на 21 век. Реконструиравме и две градинки а продолжуваме и натаму со реконструкција на постојните градинки и изградба на нови.

Планираме од 2014 година за жителите на општината ќе обезбедиме бесплатни градинки. Во областа на предучилишното образование, проектите ќе опфатат 2.000 деца во установите за згрижување деца (детските градинки) и 287 вработени што се грижат за предучилишното образование на децата.

Ќе воведеме организирана настава по физичко воспитување во градинки и одделенска настава што ќе се реализира од страна на професор по физичко воспитување.

Ќе воведеме нови, современи нормативи во градинките при што тука мислам првенствено на прегрупирање на постоечкиот кадар зголемување на стручниот кадар во градинките. Имаме во план да се воведе двосменско работно време и подолго работно време во градинките со цел правилно и времено да одговариме на потребите на родителите кои се жители на Општина Карпош.

pochit_kon_decata

МоеБебе – Бевте првиот градоначалник кој воведе паричен надомест за секое новородено бебе во Општина Карпош. Дали и понатаму ќе продолжите со ваквата поддршка за младите родители?

– Секако дека мислиме да продолжиме со оваа програма затоа што таа е во интерес на нашите деца и нивните родителите. Поддршката за нашите граѓани почнува од најмала возраст се до повозрасни години.

 

МоеБебе – Преземате активности околу подигнување на нивото на знаење и практична примена на НАССР системот во кујните во секоја детска градинка, во функција на поголема контрола и безбедност на храната која ја јадат нашите деца. Дали овие активности даваат конкретни резултати?

– Општина Карпош се грижи за безбедната и здрава исхрана на децата во градинките. За таа цел се вршат интензивни контроли на храната од овластено стручно лице. Контролата и безбедноста на храната која се приготвува во кујните, нејзината набавка и дистрибуција, како и хигиенско-санитарната состојба на занималните се од најголем приоритет за грижа на здравјето на децата кои половина од својот ден го минуваат со своите другарчиња во градинка. Добрата хигиенска практика и добрата производна практика се дел од ХАСАП системот кој сите четири градинки заедно со клоновите го имаат спроведено. Техничкиот персонал во кујните и медицинските лица имаат положено меѓународно признати сертификати за воведување и одржување на ХАСАП системот кој подолжи на законска регулатива во Република Македонија.

Општина Карпош веќе една година е член на престижната светска организација од областа на прехранбената технологија, а тоа е EHEDG – Европското Тело за Хигиенски Инженеринг и Дизајн која е во функција на безбедноста на храната. Според ова, општината не само што ги почитува законите на нашата држава туку е и во тек со Европските регулативи и стандарди. Таа веќе е во друштво со големите прехранбени имиња како Крафтфуд, Нестле, Унилевер, но и со бројни домашни фирми и државни институции кои се исто така членки на EHEDG. На територија на Општина Карпош беше одржана првата Конференција на оваа Организација на која присуствуваше нејзиниот претседател Хуб Лиливелд кој на градоначалникот Стевчо Јакимовски му ја врачи плакетата за институционално членство на општината во оваа светска организација.

 

МоеБебе – Родителите се посебно загрижени по последните случувања околу безбедноста и квалитетот на млекото. Какво млеко пијат децата од градинките во Општина Карпош?

– Интензивната соработка на овластеното лице со надлежните институции во државата, овозможува целосна контрола врз хемиските, физичките и биолошките опасности во храната која им се дава на децата во градинките.

Ние сме во постојана соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство и наша примарна задача е да ги почитуваме законите и правилниците на оваа државна институција. Млекото и млечните производи кои нашите деца ги консумираат во предучилишните установи на територијата на Општина Карпош се од домашно производство. Контролата и безбедноста на овие производи е интензивна, не само пред појавата на афлатоксинот, туку и претходно. Млекото прво термички се преработува на висока температура со цел да се заштити од сите можни микробиолошки опасности кои евентуално би се нашле во него. Спецификациите и декларациите кои ги добиваме се услов за соработка со градинките и истите се дополнителен гарант за безбедноста и квалитетот на млекото. Нашите деца пијат млеко од домашно производство кое е испитано во референтната лабораторија при Институтот за храна.

 

МоеБебе – Децата кои го сакаат спортот, ве сакаат и Вас. Кои се Вашите мотиви за поддршка на талентираните и успешни ученици и спортисти, кога не презентираат на домашни, но и меѓународни натпревари?

– Спортувањето на младите и развивањето на спортскиот дух ни се меѓу приоритетите. За таа цел Во 2014 година ќе отпочнеме со изградба на спорстка сала за ракомет, кошарка и одбојка со 1.000 седишта.

Ќе изградиме Центар за боречки спортови (бокс, кикбокс, карате и џудо) со сауна, фитнес сала. Во 2015 година спортските клубови од Карпош ќе бидат поддржани да се борат за шампионска титула во националните првенства во кошарка и одбојка. Спортистите кои меѓународно ја афирмираат општината ќе бидат финансиски поддржани. Ќе ги поддржуваме и традиционалните меморијални турнири и други спортски натпревари.

Освен тоа и досега Општина Карпош и Советот на општина Карпош секоја година одвојуваа средства да го стимулираат напредокот во образовниот процес и да ги мотивираат учениците и наставниците да постигнуваат високи резултати во образованието. За овие четири години реализирани се голем број на проекти за кои се вложени и големи парични сретства.

Поради фактот што самите училишта ставаат голем акцент на воннаставните активности, и Општина Карпош се вклучува во истата определба со што многу се вложува во талентираните ученици, кои потоа редовно земаат учество на општинските, градските, републичките и меѓународните натпревари и освојуваат врвни резултати. За пример овие четири години, околу 100 ученика имаат освоено прво место на државни и меѓународни натпревари од областите: природна група предмети, јазична група предмети, музичка уметност и спорт.

За збогатување на образованието на основците и развивање на нивниот талентот, се отворија четири школи и тоа школа за актерска игра и глума, школа за фолклор, школа за цртан и анимиран филм и школа за игри и танц, со цел да ги опфатат сите ученици кои имаат особен интерес и талент за доедукација и развивање на своите вештини на еден посебен, но пред се бесплатен начин.

Формирани се и повеќе креативни работилници за фотошоп, керамика, дизајн и сл.

Четири години по ред јас како Градоначалникот на општина Карпош и Советот на општина Карпош доделувавме 50 стипендии на талентирани ученици од 7 и 8 одделение во областа на уметноста, културата и техниката така што во изминатите 4 години доделени се вкупно 218 стипендии.

Веќе две години по ред се одржуваат манифестации за учениците, кои го завршуваат основното образование со наградување на првенците на генерација од секое училиште.

 

МоеБебе – Дали во иднина планирате реализација на некој поголем проект, поразличен од останатите општини?

– Планираме гасификација на Општината, што е еден капитален проект. Со него е предвидено приклучување кон дистрибутивната мрежа на гас, при што први ќе бидат снабдени населбите Тафталиџе 1 и Тафталиџе 2 и дел од Козле. Она што е најбитно да се знае, е дека приклучувањето на гасоводната мрежа за граѓаните ќе биде бесплатно и сето тоа ќе биде покриено од Буџетот на Општина Карпош. Уште позначајно е тоа што трошоците за затоплување и за електрична енергија по секоја станбена единица ќе паднат до 50%. Јас сметам дека ова е еден од најважните проекти кои ја очекува Општина Карпош во наредните четири години. Веќе ги подготвуваме проектите за дистрибутивната мрежа, и сме во постапка за добивање на лиценца. Откако ќе ја добиеме таа лиценца, веднаш започнуваме со инсталирање на гасоводната мрежа.

 

МоеБебе – Жителите на Општина Карпош Ве сакаат. Според нивните постови и коментари на социјалните мрежи, може да се види дека се задоволни од Вашата одлука за учество на локалните избори. Дали Вашата кандидатура на изборната трка за градоначалник на Карпош е доказ дека не се откажувате од Карпош? Ајде упатете една порака до Вашите Карпошани?

– Граѓаните на овие избори се борат за Карпош за себе, а јас се борам за нив.

Јас во овие клучни моменти на голема политичка криза, едноставно, размислував со студена глава се запрашав: што се локалните избори и кои се очекувањата на моите сограѓани од нив?

Парламентарните избори одлучуваат за високата политика, а пак локалните, одлучуваат за секојдневните проблеми на граѓаните, за проблемите во неговото маало, на неговата улица, пред неговиот двор.

Локалните избори се поттик да излезе на гласање обичниот граѓанин кои не се интересира за високата политика. На 24 март треба да донесеме одлука за нашиот обичен секојдневен живот.

Во 2003-та година, за време на првиот мој успешен мандат го напуштив Карпош и прифатив да бидам министер за економија во Владата на Република Македонија заради повисоките државнички цели, но, мене срцето ми остана во Карпош!

Бев исправен пред предизвикот да го напуштам Карпош или не? Донесов одлука: Јас немам право на тацна некому да предадам над 60.000 граѓани. Не смеев да изневерам над 60.000 очекувања и тоа без политичка борба и затоа одлучив да си ги соочиме аргументите. Јас, против било кој политички ривал.

Карпош не е место за напуштање. Ова е општина за која вреди да се бориш. Карпош е место за победи и успеси. Во него живеат достоинствени, домаќини луѓе, и на овие избори одлучивме заедно да го браниме достоинството на Карпош.

Јас не напуштив никого, само останав таму кај што припаѓам – со своите граѓани. Со народот, и како што викаат – до крај!

Не тргнав против никого, туку само одлучив да се борам за нашето. Она што ни е свето, што го сакаме, каде што растат нашите деца и за што живееме. Ме водеше максимата дека моето место е најважно место на светот.

На овие избори нема да мислам на противкандидатите, туку напротив, на моите сојузници, на граѓаните на Карпош. Сакам да ги придобијам во што е можно во поголем број. За доброто на нашата општина. Тие сојузници веќе одамна ги имам во Социјалдемократите, во неопределните граѓани, во ВМРО-овците, Либералдемократите, во Либералите, во Новата социјал демократска партија, во членовите на Српската напредна странка, во членовите на ДУИ, на ДПА, Демокрација Е Ре. Затоа, во овие избори одиме сплотени Македонци, Албанци, Срби, Турци, Црногорци, Власи, Роми, Бошњаци. Одиме Храбро!

 

МоеБебе – Вашиот број на кандидатура е бројот 8. Дали знаете дека бројот 8 носи среќа?

– Сум слушнал, иако јас не сум суеверен, но овој пат мислам дека навистина ќе биде така. Да си посакаме сите среќа и да го одбраниме и зачуваме Карпош!

 

МоеБебе – Г-не Јакимовски мило ни беше што успеавте да одвоите време и да ни пренесете дел од информациите за реализираните, но и идни активности наменети за малите Карпошани. Тимот на Мое Бебе Ви посакува многу среќа и искрени желби за успех во трката за нов градоначалнички мандат.

 

www.moebebe.com.mk

Кафе игротека Слонче

Kosili
Прашајте доктор

Моебебе рецепти

Активности на Facebook

Веб порталот moebebe.com.mk нуди содржини од информативен и едукативен карактер, содржините не се замена за стручен лекарски совет. Доколку имате некој здравствен проблем, Вие или Вашето дете, побарајте стручно лекарско мислење.

Содржините на порталот МоеБебе се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од администраторите на овој портал.