Интервју со Д-р Александар Манолев – специјалист интернист: Појава на проширени вени во бременоста, важноста на превенцијата и начини на нивно лечење

Интервју со Д-р Александар Манолев - специјалист интернист од Поликлиника Манолеви: Појава на проширени вени во бременоста, важноста на превенцијата и начини на нивно лечење

Голем процент од жените во текот на бременоста се соочуваат со појава на проширени вени. Склоноста кон проширени вени најчесто е наследна, но е ѝ доволен показател за преземање на превентивни мерки уште за време на самата бременост. Ненавременото третирање може да создаде посериозни компликации во следните бремености.
Голем број на жени не се доволно информирани за овој проблем, па поради тоа побаравме стручно мислење од Д-р Александар Манолев кој е специјалист интернист, каде една од повеќето стручни надградби е областа на Колор – Доплер дијагностиката на васкуларни болести и нивни третман (венска тромбоза, артериска хипертензија, заболувања на крвни садови) од Поликлиниката МАНОЛЕВИ од Скопје.

 

Мое Бебе: Што се тоа проширени вени?

Д-р Манолев: Проширени или варикозни вени претставуваат змијолико изменети и проширени, површински венски крвни садови на долните екстремитети. Најчесто се јавуваат кај жени во текот на бременоста, кај жени кои работат како аптекарки, фризерки, продавачки, куварки и сл. т.е. онаму каде оптеретувањето на венскиот систем е континуиран и трае со недели и месеци. Таквиот притисок е непожелен за валвулите (залистоците) на вените, особено на венски садови на подколеницата, кои со текот на времето попуштаат со што не ја задржуваат и движат крвта во насока према срцето и белите дробови. Токму поради тоа, крвта се задржува во венските садови со што се зголемува притисокот во нив и доаѓа до нивно проширување.

 

Мое Бебе: Зошто се појавуваат проширени вени во текот на бременоста?

Д-р Манолев: Во текот на бременоста со зголемување на плодот доаѓа до притисок на големите венски садови во организмот, при што доаѓа до отежнато движење на крвта од долните партии на нозете према препоните.

 

Мое Бебе: Кои се најчестите причини за нивно појавување и дали наследниот фактор е пресуден за нивно појавување?

Д-р Манолев: Наследниот фактор е пресуден кај многу пациенти за појава на проширени вени, но не пресуден за раната појава. Доколку лицето кај кое постои генетска предиспозиција не е физички активно, има голема телесна тежина, лош хигиено-диететски начин на исхрана и во текот на денот поминува поголем дел во вертикална-исправена положба, многу веројатно дека ќе добие проширени вени во младата возраст.

 

Мое Бебе: Дали жена која има проширени вени во текот на бременоста, но и после породувањето, може да има компликации и какви можат да бидат тие?

Д-р Манолев: Компликациите кои се јавуваат, за жал, се во насока на појава на длабока венска тромбоза и белодробен тромбемболизам како најсериозна компликација.

 

Мое Бебе: Дали при секоја наредна бременост состојбата со проширени вени се влошува?

Д-р Манолев: Состојбата може да се влоши, но во исто време и не мора да значи дека ќе дојде до такво влошување. Доколку бил спроведен правилен медицински третман, доколку жената внимавала на својата тежина и имала физичка активност меѓу двете бремености, втората бременост може да помине без било какво влошување. Сепак, мерките на предострожност кај постоечките варикозни (проширени) вени остануваат приоритетни.

 

Мое Бебе: Кога треба да се побара лекарска помош?

Д-р Манолев: Појавата на проширени вени често пати е пратена со болки кои се испровоцирани од растегнувањето на крвниот (венскиот) сад или при негово воспалување. Практично, поголемиот дел од пациентите се јавуваат на преглед при таквите состојби кога се јавува болка. Лекарски совет треба да се побара кога ќе се забележат проширувања на вените без разлика дали се пратени со болка или не.

 

Мое Бебе: Кои превентивни мерки треба да се применат за да се спречи нивната појава или пак да се спречи нивното понатамошно ширење?

Д-р Манолев: Физичката активност и телесна тежина во склад со висината, се мошне битен фактор за превенција на појава на проширени вени. Кај оние лица каде веќе се појавиле проширени вени, особено ако е проширување од полесен степен, носењето на еластични чорапи може да помогне во понатамошна превенција на нивно проширување. За жал, многу мал дел од пациентите се упорни во нивното носење поради субјективното чувството на „неподносливост“.

 

Мое Бебе: Кои испитувања треба да се направат и дали постојат современи апарати за поставување на точна дијагноза?

Д-р Манолев: За поставување на точна дијагноза обично се прават два типа на испитувања: лабораториски анализи и ехо-доплер дијагностика. Лабораториските анализи се прават рутински за да се исклучи постоење на длабока венска тробоза или пореметување на некој од факторите на коагулација.
Ехо-Доплер дијагностиката е најприменувана метода бидејќи е неинвазивен метод, се изведува лесно, не чини скапо и што е најбитно, мошне прецизно го оценува местото каде е настанато проширувањето и степенот на функционално нарушување на валвулите на вените. Воедно, тоа го одредува и терапевтскиот пристап понатаму.

 

Мое Бебе: Како треба да се третираат вените и дали воопшто можат да се излечат?

Д-р Манолев: Како што веќе напоменав, редовната физичка активност, телесна тежина во склад со висината и носење еластични чорапи се мошне битни во третманот. Онаму каде степенот на функционално нарушување е напреднато, со појава на воспаление и тромбоза на проширениот венски сад, обично се применува хирушки третман како метод на лекување.
За жал, кај голем процент од пациентите проширените вени остануваат доживотно, најчесто кај жените во поодминати години.

 

Мое Бебе: И за крај докторе, Би сакале да го изнесете вашиот став за вршење на оперативен зафат на вени. Многу жени освен што ги трпат болките, им пречи и тоа што не изгледаат убаво во кратко здолниште. Дали операцијата помага само естетски да се реши проблемот или со операција се постигнува трајно решение?

Д-р Манолев: Индикација за оперативен пристап одредува васкуларен хирург кој е најповикан да ја оцени состојбата, степенот на оштетување и кој тип на оперативен зафат ќе се изведе. Во поновата хирушка пракса се изведуваат понови ласерски техники на екстирпација (отстранување) на оштетениот (проширен и тромбозиран) венски сад. Кај овие пациенти, состојбата после оперативен зафат е многу подобра пред истата да биде изведена. Од естетски аспект, може да има подобрување, уште повеќе што реконструктивната (пластична) хирургија се повеќе овозможува голем број на естетски решенија. Сепак, за ваквите искуства би оставил простор да зборуваат покомпетентни лица.

Кафе игротека Слонче

Kosili
Прашајте доктор

Моебебе рецепти

Активности на Facebook

Веб порталот moebebe.com.mk нуди содржини од информативен и едукативен карактер, содржините не се замена за стручен лекарски совет. Доколку имате некој здравствен проблем, Вие или Вашето дете, побарајте стручно лекарско мислење.

Содржините на порталот МоеБебе се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од администраторите на овој портал.