Прв породилен период: ПРВА ФАЗА – Рано породување

Прв породилен период: ПРВА ФАЗА - Рано породувањеОваа фаза е најдолгата, но за среќа, најмалку интензивната фаза на породувањето. Грлото на матката полека почнува да се израмнува и отворањето до 3 см може да трае од неколку дни до неколку недели, без некои забележливи контракции и пречки. Кај некои жени сето ова може да трае 2 -6 часа пред активното породување.

Во оваа фаза контракциите траат 30-45 секунди и се појавуваат на временски интервали од 5 до 20 минути. Кај некои жени се јавуваат во релативно редовни временски интервали, додека пак кај други се незабележливи. Постепено контракциите ќе стануваат почести и појаки. Доколку почувствувате болки ненадејно, а контракциите се чести и редовни, вашето породување започнало порано.

Кон крајот на оваа фаза, најкасно при почетокот на следната фаза би требало да отидете во болница.

(Ако сè уште немате влезено во 37 недела и забележите контракции или некои други знаци кои укажуваат на породување, не чекајте контракциите да напреднат, појдете веднаш во болница каде вашиот гинеколог ќе утврди дали сте започнале предвреме да се породувате.)

Како да забележите дека породувањето започнало:

Вообичаените знаци и симптоми се: болка во грбот, поточно крстот (особено кога трае контракцијата), грчеви (слични кои се јавуваат при менструација), пролив, болки во стомакот, испаѓање на крвавослузниот чеп (слузав вагинален исцедок обоен со крв). Амнионот (водењакот) понекогаш пука и пред да се појават контракции, но често тоа се случува во текот на породувањето.

Како ќе се чувствувате:

Почетокот на породувањето некои жени го доживуваат многу стресно, несигурно, загрижено, со голема доза на страв, додека пак некои жени се релаксирани и разговорливи.

Што треба да направите:

Кога ќе започнат контракциите, немојте да станете роб на вашата стоперка, снимајќи ја секоја контракција, бидејќи непотребно ќе се исцрпите.

Ако е НОЌ: слабите контракции ќе ви дозволат да се одморите, барем помеѓу две контракции, бидејќи може да имате долг и напорен ден пред вас. Доколку не можете да заспиете (немојте на грб), немојте да лежите броејќи ги контракциите. Станете и работете нешто по дома, за да не мислите. Подгответе си алишта за во породилиштето, гледајте телевизија, подготвувајте ги алиштата за бебето.

Ако е ДЕН: Не се откажувајте од вообичаените секојдневни активности. Излезете на прошетка (гравитацијата го помага породувањето), гледајте телевизија, згответе ручек, информирајте го сопругот дека треба да биде подготвен (ова не значи дека треба веднаш да дотрча по вас).

  1. Ако сте гладна, јадете лесни оброци. Храната која тешко се вари му пречи на телото при породување, но може да создаде и комликации ако е потребна анестезија.
  2. Ако многу ве боли крстот, ставете си електрично перниче или топли облози, немојте да пиете седативи.
  3. Редовно уринирајте за да не се спречи напредувањето на породувањето.
  4. Немојте да дозволите да дехидрирате.
  5. Истуширајте се. Телото ќе ви се опушти.
  6. Применете техники за опуштање (не за дишење – немате потреба да ја трошите енергијата која ќе ви биде потребна во следните фази од породувањето)

Веднаш да се јавите (појдете) во болница ако:

–          Пукне амнионот (ИТНО појдете во болница ако тече зелена или темно кафеава плодова вода);

–          Ако крвавите (светлоцрвена крв);

–          Ако не ги чувствувате движењата на плодот;

 

 

Кафе игротека Слонче

Kosili
Прашајте доктор

Моебебе рецепти

Активности на Facebook

Веб порталот moebebe.com.mk нуди содржини од информативен и едукативен карактер, содржините не се замена за стручен лекарски совет. Доколку имате некој здравствен проблем, Вие или Вашето дете, побарајте стручно лекарско мислење.

Содржините на порталот МоеБебе се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од администраторите на овој портал.