На кое ниво е наталитетот во Република Македонија во однос на наталитетот во соседните земји

Наталитет во РМПромовирање на стабилен брак и основање на традиционално семејство се први и основни чекори на секоја популациона политика. Без оглед колку ги има и колку отворено ги прифаќаме различните стилови на живеење, сепак вистина е дека најголем број на деца се раѓаат во брачни заедници. Ова ни укажува на вредноста која ја има една заедница – семејството, кое е многу важно за иднината на една држава и еден народ.

Според податоците на Државен завод за статистика, во Република Македонија во 2013 година вкупно се родени 23.334 деца, од кои живородени се 23.138 и 196 мртвородени деца. Бројот на живородените деца во 2013 година, во споредба со минатата година, е намален за 430 деца или за 1.8%.

Во структурата според пол, кај живородените деца, машките имаат поголемо учество и тоа 52.3%, односно, на 100 живородени женски деца 109.5 се машки.
Според возраста на мајката, најголемо учество, односно 35.5% се живородени деца од мајки на возраст 25-29 години, па следуваат мајки од возраст на 30-34 со 26.0%, па мајките од 20-24 со 22.2% итн. Просечната возраст на мајката при вкупниот број на раѓања е 28.4 години а 26.6 години на првите раѓања, односно благ пораст во однос на минатата година. Генерациска година на раѓање на мајката која се појавува како најфреквентна при раѓањето на детето е 1985 година.

Овие податоци воопшто не се задоволителни, т.е. наталитетот во РМ во однос на минатата година е намален и покрај многубројните кампањи кои ги промовира Владата на РМ за основање на семејство. Иако Владата спроведе закони со кои се очекува пораст на наталитетот, како на пример, популарниот надомест за родено трето дете, сеуште изгледа е рано за првите видливи резултати.

Некои родители не можат да имаат повеќе од две деца, некои поради здравствени причини, но најголемиот број од брачните парови не се финансиски моќни да одгледуваат едно дете, па да не зборуваме за две, три или повеќе деца, велат граѓаните. На младите родители им е потребна работа за да можат да основаат семејство и истото да можат да го прошират во иднина. Нискиот стандард на живеење и сиромаштијата им „помага“ на младите само подоцна во животот да се одлучат на брак, но и да побегнат од државата, вели еден скопјанец.

Слична е состојбата во која се наоѓа и Република Србија. Во 1990 година, бројот на лица постари од 60 години бил 9,2 проценти, додека пак во 2013 година изнесувал 11,7 проценти, но се очекува во 2050 година да биде 21,1 проценти. Според направените анализи, во 2047 година за прв пат се очекува бројот на деца да биде помал од вкупниот број на лица постари од 60 години.

Според последниот попис направен во Србија во 2011 година, во 1.458 населени места (31 проценти) не било родено ниту едно дете. Секоја година во Србија умираат околу 34.000 луѓе повеќе од оние кои се раѓаат.

Според Државниот Завод за Статистика во Хрватска, просечно се раѓаат 10.000 деца помалку од луѓе кои умираат. Ова значи дека секоја втора година „снемува“ по едно населено место во Хрватска.

Во последните 20 години ниедна влада не водела демографска политика и сериозноста на овој проблем веќе ја доживува својата кулминација, иако неколку години наназад Хрватска донесува разни стратегии за долгорочна демографска политика, но ниедна од нив не е спроведена.

Во Бугарија состојбата е слична. Во 2013 година во земјата се регистрирани 67 061 новороденчиња, од нив 66 578 (99.3%) се живородени. Во споредба со претходната година бројот на живородените е намален за 2543 деца или со 3.7%.

Коефициентот на наталитет во градовите е 9,3 ‰, а во селата – 8.7 ‰. Во 2012 година овие коефициенти биле соодветно 9.7 и 8.8 ‰.

Според податоците на Еуростат, највисоко ниво на наталитет од европските земји има Ирска – 15,7 ‰, па следат Велика Британија (12,8 ‰) и Франција (12,6 ‰). Стапката на наталитетот во Бугарија е на нивото на наталитетот во земји како Грција (9 ‰) и Австрија (9,4 ‰). Со најнизок коефициент на наталитет во Европската унија се Португалија (8,5 ‰) и Германија (8,4 ‰).

 

Кафе игротека Слонче

Kosili
Прашајте доктор

Моебебе рецепти

Активности на Facebook

Веб порталот moebebe.com.mk нуди содржини од информативен и едукативен карактер, содржините не се замена за стручен лекарски совет. Доколку имате некој здравствен проблем, Вие или Вашето дете, побарајте стручно лекарско мислење.

Содржините на порталот МоеБебе се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од администраторите на овој портал.