Совети како да го одвикнете детето од пелени

Повеќето родители со нетрпение го чекаат летниот период за да почнат со одвикнување на своето малечко од пелени. Летниот период е најдобар период од годината за одвикнување, бидејќи не постои ризик од настинки, ако детето се измочка или ако шета само со гаќички. Некои деца брзо учат, но на некои им е потребно подолго време да сфатат што треба да направат. Еве неколку совети, кои треба да им помогнат на родителите, како правилно да постапат за брзо и лесно одвикнување од пелените.

1. Направете проценка дали вашето дете е подготвено

Одвикнувањето од пелени е индивидуална работа, како што е проодувањето и кажувањето на првите зборови.  Некои деца се подготвени да научат уште од 18 месеци, но затоа пак други не се заинтересирани до нивната 3 годишна возраст. Родителите најчесто почнуваат со одвикнување, кога детето има околу 2 и пол години. На оваа возраст детето веќе може да ги следи инструкциите за одвикнување со внимание, може само да оди и седи, но посебно внимавајте да не создадете притисок  дека мора да направи нешто, бидејќи вашите обиди ќе бидат контрапродуктивни.

2. Одвикнувањето од пелени правете го постепено

Започнете наутро и навечер постепено да го учите да седи на нокшир, дајте му играчка во рацете и ако е можно, оставете го да седи додека не се измоча или искака. Практикувајте ова да го правите секој ден, каде со вашата упорност ќе успеете седењето на нокшир да го воведете како секојдневна рутина. Многу е важно да му објаснувате и повторувате на своето дете зошто се седи на нокшир, да го мотивирате со тоа што ќе му го привлечете вниманието правејќи нешто интересно за него. Доколку вашето дете упорно одбива да седи на нокшир, тоа не е причина вие да се откажете. Денес, на пазарот постојат нокшири во разни форми, музички нокшири, дури има и адаптер седишта кои се прикачуваат на тоалетната школка. Нека си го одбере детето само нокширот што ќе го користи, можеби така ќе му се привлече вниманието.

3. Покажете му како се користи тоалетот

Веќе вашето дете не носи пелени дома, бидејќи го користи нокширот, но ако е подолго време надвор од дома, би било добро да му ставите пелена или ако не носело цел ден, да му ставите навечер за спиење. На овој начин ќе ги доведете на минимум непријатните ситуации, како што се мочкање и какање во гаќи.

Децата  учат со имитирање и гледајќи како го користите тоалетот, со тек на времето, природно е да научат за што служи истиот. Објаснете му на детето како вие знаете кога е време да појдете во тоалет, што се случува таму, како се користи тоалетната хартија, зошто се мијат рацете. На почеток, вие ќе му помагате околу овие активности, но со тек на време, гледајќи и слушајќи како се прави тоа, ќе се навикне на целиот процес.

4. Воведете ноќен тренинг

Се уште не е време да ги фрлите пелените. Дури кога и вашето дете е суво и чисто во текот на целиот ден, ноќните пелени се уште треба да ги користите. Постепено преку разговор со детето, треба да го научите и охрабрите да го користи тоалетот и во текот на ноќта. Кажете му дека ако се разбуди среде ноќ и има потреба да оди во тоалет, вие сте тука за да му помогнете.

5. Збогум пелени

Ако во текот на целата ноќ, детето остане суво, веќе е време да кажете збогум на пелените. Тренингот може да трае неколку дена или месеци додека детето целосно не си фати ред. За време на тренингот, за секој случај, може да го заштитите душекот со пластична фолија, а наутро кога ќе се разбуди, треба да стекне навика да го користи тоалетот пред да започне со неговите тековни активности.

Кафе игротека Слонче

Kosili
Прашајте доктор

Моебебе рецепти

Активности на Facebook

Веб порталот moebebe.com.mk нуди содржини од информативен и едукативен карактер, содржините не се замена за стручен лекарски совет. Доколку имате некој здравствен проблем, Вие или Вашето дете, побарајте стручно лекарско мислење.

Содржините на порталот МоеБебе се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од администраторите на овој портал.