Колку мајчинството во Република Македонија е заштитено со закон

Колку мајчинството во Република Македонија е заштитено со законНа 8 јули 2014 година, во организација на Меѓународната организација на трудот  беше одржана конференција на тема„Средина што го поддржува семејството преку подобрена заштита на мајчинството”.

На овој настан се обрати Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов каде истакна дека обезбедувањето на заштитата во однос на бремената жена, мајката-родилка и нејзиното дете  се заеднички одговорности на институциите на системот. Токму затоа  во март 2012 година, Собранието на Република Македонија ја ратификуваше Конвенцијата за заштита на мајчинството на Меѓународната организација на трудот која ги утврдува минималните стандарди,а Република Македонија  презеде чекор понатаму  утврдувајќи  дополнителни повисоки стандарди во однос на заштитата на мајката и  детето.

„Поаѓајќи од фактот дека основната заштита на жената е овозможена со породилното отсуство, сакам да истакнам дека  истото кај нас изнесува  9 месеци  и со тоа се вбројуваме во земјите коишто имаат отсуство со најдолго  траење.  Во овој контекст, минатата година воведовме ново, дополнително право на неплатено родителско отсуство, со кое е предвидено работничката да го користи по завршување на отсуството од работа поради бременост, раѓање и родителство, до  три месеци, во периодот до навршување на три годишна возраст на детето заради  грижа за  детето, при што се обезбедува бесплатна здравствена заштита”, рече Спасов.

Во Република Македонија правата поврзани со отсуството од работа поради бременост,  раѓање и родителство се уредуваат со Законот за работни односи. Овој период на отсуство од работа е платено поради нега и одгледување на новородено дете. Висината на правото на надоместок за време на породилното отсуство е уредена со Законот за здравственото осигурување. Надоместокот на плата за време на породилното отсуство изнесува 100% од основицата на надоместокот на плата, кое претставува една од подолгите во светски рамки.

Големо значење се посветува и на заштитата на жените од дискриминација, вклучително и дискриминација поради бременост, раѓање и родителство што е регулирано со Законот за работните односи. Забраната на дискриминација се однесува и на пристапот до вработување, условите за работа и сите права од работен однос и откажувањето на договорот за вработување на работнички кои се наоѓаат во состојба на бременост или користат права коишто произлегуваат од раѓање и родителство.

Според законот за работни односи,  работодавачот не смее да го откаже договорот за вработување на работникот за време на бременост, раѓање и родителство. При вработување, утврдена е и забраната за барање доставување на други исправи и докази коишто не се во непосредна врска со работниот однос, кој вклучува и забрана за барање на тест за бременост или потврда за таков тест при склучување на договор за вработување со работничка, без оглед на работното место за кое се заснова работниот однос.

Работничката, ако сака, може да се врати на работа и пред истекот на отсуството, но не и пред 45 дена од денот на раѓање на детето и во тој случај  има право и на надомест на плата за отсуство поради бременост и родителство, во висина од 50% од утврдениот износ на надоместокот за отсуството според прописите за здравствена заштита.

Дополнително, а во интерес на здравјето на детето, по враќањето на работа, мајката има право  на  платена пауза за доење во траење од еден и пол час дневно, во кое време се засметува и дневната пауза. Тоа право го има работничката до наполнета една година возраст на детето.

 

Кафе игротека Слонче

Kosili
Прашајте доктор

Моебебе рецепти

Активности на Facebook

Веб порталот moebebe.com.mk нуди содржини од информативен и едукативен карактер, содржините не се замена за стручен лекарски совет. Доколку имате некој здравствен проблем, Вие или Вашето дете, побарајте стручно лекарско мислење.

Содржините на порталот МоеБебе се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од администраторите на овој портал.