Приказна од животот со деца: Ако ти ја залепам една…

Kolumna-moebebe.mkВо мое време имаше ред. Се знаеше, родителите беа законот, а нивниот збор беше последен. Бабите и дедовцте ги слушавме без никаков проблем, така се очекуваше од нас и така се однесувавме. Се сеќавам, баба ми не чуваше сите четири внуци…јадевме кришки леб со кисело млеко наросени со црвен пипер, тоа ни беше ужина. Ако бевме послушни на крајот од денот добивавме по едно лижавче или чоколадо блог-еурокрем. Кога ќе побарав нешто екстра благо за јадење, добивав одговор, утре ќе одиме во Луна парк ќе добиеш шеќерно јаболко. Па, нормално беше да чекаш до утре.

Редобно добивавме и награди за одличните оценки во училиште и добрите манири на однесување, но тие беа секогаш скромни. Кога завршуваше школската година, се сеќавам добив вокмен. Учев дење и ноќе за него, морав да ја завршам учебната година со одличен успех. Предизвик во мое време беа стартките „ all star“. Фраер беше оној кој ги имаше „оригинал-от“ патики или ти ги донел вујче од Америка, спротивно имаше плачки ако добиеш некоја „замена“ од некоја „ Borovo“ продавница.

Ако не бевме добри на училиште, после секоја родителска…последен беше зборот на татко ми….Нема надвор, нема велосипед, нема џепарлак, среќа беше ако не добиеш некоја папуча по газот. Додека татко ми ми држеше лекција, мојот збор „ добро“  завршуваше со „ако ти ја залепам една“ (никогаш немаше рака дигнато на мене), ова му беше „узречица“, но затоа за следниот пат не ризикував да проговорам, затоа што отиде викендот, дремејќи кај баба ми требејќи ориз.

Бевме дисциплинирани…редовно стоевме во ќош, вртевме околу маса по три круга, седевме во соба по однапред одреден временски рок…Се знаеше дека има ред во се, растејќи го прифаќавме тоа како цврсто поставена граница која не треба да се поминува. Мразев спанаќ…Не сакаш спанаќ за ручек? Ќе го јадеш за вечера. Не сакаш ни за вечера? Ќе те чека на маса за појадок. Кога ќе сфатиш дека сето ова е вистинито, повеќе ти се исплати да си го изедеш ручекот (иако ти е одвратно) без да креваш врева.

Денес не можам да сфатам зошто се промени начинот на воспитување на децата и системот на наградување. Денешните деца имаат многу повеќе, но на ништо посебно не се радуваат. Денешните деца се како „лења пита“, мрзливи се и непослушни. Родителите се вадат велејќи „ па таков е, што да му правам“. Нема повеќе жмурки, играње ластик и џамлии, менување ливчиња. Се појави интернетот. Социјалните мрежи ги заменија дружењата во парковите. Децата денес се дружат on-line.

Не можам да разберам покрај два компјутери, еден таблет и три смарт фонови по дома, се плаче по нов компјутер, бидејќи стариот бил за во ѓубре….алоооо бре, имаш брдо играчки у соба и секое идење во маркет плачеш за нова количка. Денешните деца не знаат да ги ценат парите, всушност не знаат дека задоволството е во малите нешта….едно сокче со цевка и едно лижавче ми го правеше денот-празник. Денеска се купува пола продавница и пак нема задоволство. Фрустрирани деца…криви сме ние, родителите!!!!

Одиш на лулашки, деца еден тон…но, и родители како се борат со нив. Се борат со своите четири годишни деца и не можат да ги стават во ред. Или трчаат по нив или дремат до нив, ги чуваат од „тој“ до него. Пази да не паднеш, леле се извалка, дојди да јадеш, сакаш ли сокче…алоооо, остави го детето да си игра, нека падне на газот, нека се направи кал, остави го бре, да дише. „Моето не јаде месо, манџа, само јаде компири и не спие до полноќ“. Како бре не спие…убаво стави го во кревет, (во девет, во кревет) најаден, напиен, среден за спиење, излези од соба и изгаси светло. Плаче, па и јас плачам и јас сум живо створење. Каде се моите пет минути во животот?

Седи мирен, ќе ти купам ова…грешиш родителу, така нема да биде добар спрема тебе и другите. Грешиш, постојано кога му ги бришеш рацете со влажни марамици. Грешиш, ако го учиш дека секое куче ќе го касне и секое маче ќе го изгребе. Ти си виновен што е дебел и што сите заби му се со кариес. Грешиш, кога лумпува до еден сабајле. Грешиш што не му даваш да оди во песок, да се пушта на лизгалица, зашто газот премногу грубо ќе го приземји според твојот критериум. Грешиш, кога плаче, со чоколадо што го смируваш, му го кратиш ручекот, кој сигурно не е направен дома, зашто денот отишол. Ти се трошиш себе си, а животот ти трча пред нос. Во што се претворивме Ние, родителите.

„ Јас сум го родила, а не он мене. Постои време и место за јадење, спиење и играње и тука нема компромис. Едноставно мора да биде така. Родителството не значи да му бидеш роб, туку да направиш од своето дете нормален човек, со стекнати здрави навики на живеење“.

пишува: Анета Манчевска

(авторски текст, не смее да се копира)

Кафе игротека Слонче

Kosili
Прашајте доктор

Моебебе рецепти

Активности на Facebook

Веб порталот moebebe.com.mk нуди содржини од информативен и едукативен карактер, содржините не се замена за стручен лекарски совет. Доколку имате некој здравствен проблем, Вие или Вашето дете, побарајте стручно лекарско мислење.

Содржините на порталот МоеБебе се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од администраторите на овој портал.