Првите 24 часа во домот со вашето новороденче

Веќе е време да го напуштите родилиштето и да заминете дома. Веројатно веќе сте слушнале голем број совети од искусни родители што треба да правите кога ќе стигнете дома, дека треба веднаш да воспоставите ред, дека сите новороденчиња на почеток само јадат, спијат, какаат и плачат и дека сето тоа е нормално. Иако сето ова звучи едноставно и лесно, вие ќе бидете целосно збунети и едноставно нема да знаете од каде да почнете со активностите околу вашето бебе.

Еве неколку совети од каде да почнете:

А. Кога да го нахраните?

Бидејќи неговото стомаче е многу мало, треба да го храните на 2-3 часа. Некои бебиња дури се гладни и почесто, но се прашувате, дали вие ќе го знаете тоа. Најчесто бебињата кои се гладни силно плачат, додека пак некои покажуваат суптилни знаци, како на пример ги цицаат рацете, ги мрдаат усните постојано или инстинктивно ја вртат главата на страна, барајќи да цицаат. Во првите неколку дена, новороденчињата обично губат околу 7 отсто од нивната телесна тежина. Иако ова е нормално, вие сепак треба да го храните своето малечко на секои два часа, особено се додека не ја врати својата родилна тежина. Најдоброто нешто што можете да му го пружите на своето бебе е доењето (некои жени се спречени поради некои здравствени проблеми или поради примање на терапија која е неопходна и не смее да чека). Иако доењето доаѓа природно, кај некои мајки и бебиња тоа се случува подоцна отколку кај другите. Причината е едноставна, недостиг на искуство од двете страни. Секој почеток е тежок, така да една од најубавите врски дојка – бебе, за обострано задоволство, започнуваат дури по неколку дена невешти и несмасни обиди и солзи од двете страни.

Б. Како да го нахраните?

Постојат неколку основни чекори за правилно доење:

  1. Сместете се удобно.
  2. Наместете го бебето со лицето кон брадавицата на дојката.
  3. Потпрете ја дојката со слободната рака, со палецот горе, а со прстите одоздола. Прстите држете ги подалеку од ареолата која бебето ќе ја фати со устата.
  4. Нежно допрете ги усните на бебето со брадавицата, додека устата не се отвори широко. Потоа приближете ја дојката.
  5. Не туркајте ја брадавицата во устата на бебето. Дозволете тоа да покаже иницијатива.
  6. Внимавајте бебето да ги држи во устата и брадавицата и ареолата. Ако ја цица само брадавицата, нема да ги измолзе млечните жлезди, што може да ви предизвика болка и пукнатини на брадавиците.
  7. Ако дојката го затвора носот на бебето, нежно спуштете ја со прстите. Внимавајте притоа да не ја извадите ареолата од устата на бебето.
  8. Ќе бидете сигурни дека цица, ако на неговиот образ се гледа постојано и силно ритмично движење.
  9. Бебето може да заврши со цицање, а се уште да ја држи дојката. Со нагло извлекување ќе ја повредите брадавицата. Доењето прекинете го со притискање на дојката или ставете прст во аголот на устата на бебето за да влезе малку воздух.

В. Кога и како да му смените пелена?

Ако го доите бебето во просек ќе трошите околу 5 пелени дневно, но доколку го раните со формула може да ви се потребни и до 10 пелени дневно. Веќе вашето бебе почнало да цица (давајте му на секои два-три часа), значи набргу треба да менувате пелена. Како да го направите тоа? Подгответе го креветот (ако преоблекувањето го правите на него), постелете си чиста стерилна пелена, при рака да ви бидат влажните марамчиња и павловиќевата маст. Многу бргу ќе стекнете рутина, бидејќи вашето бебе многу често ќе ве потсетува на тоа. Важно е да се потенцира дека повеќето бебиња, особено оние кои цицаат, не мора да имаат столица после секој подој, ниту пак секојдневно, што не е причина за грижа.
Првиот преглед ќе ви биде за неколку дена, добро е да си запишувате кога има и каква е бојата на столицата (треба да биде полутечна, со златно – жолта боја и да мириса на сирење), бидејќи вашиот педијатар ќе ве праша за тоа.

Г. Кога и како да го бањате бебето?

Првите 7-10 дена додека не му падне папочната врвца, бебето и нема потреба од вистинско бањање. Бебето може да го освежите со крпа или сунѓер. По паѓањето на папочето следува првото бањање. Користете шампон специјализиран за бебиња. Не се препорачува водата да тече додека го бањате вашето бебе, бидејќи температурата на водата може да се промени. Најпријатна температура за бањање на бебето е од 35 до 41 степен, но вие ќе процените како му е најпријатно на вашето бебе. На почетокот може да користите термометар. Најбезбедно е да користите мало корито во која ќе ставите вода чија температура сте ја провериле вие. Исто така блиску до вас подгответе пешкир за веднаш да го завиткате бебето. Често родителите, на самиот почеток се малку уплашени, но подоцна кога бањањето ќе стане рутина, ќе стане и многу пријатна работа во која ќе уживате Вие и Вашето бебе.

Кафе игротека Слонче

Kosili
Прашајте доктор

Моебебе рецепти

Активности на Facebook

Веб порталот moebebe.com.mk нуди содржини од информативен и едукативен карактер, содржините не се замена за стручен лекарски совет. Доколку имате некој здравствен проблем, Вие или Вашето дете, побарајте стручно лекарско мислење.

Содржините на порталот МоеБебе се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од администраторите на овој портал.